Фиат 600 Спорт · Тест · Како Фиќо со пет врати

Фиат 600 во изминативе близу две години не беше забележан како што заслужува модел на италијанската марка. Тоа се смени, но само откако дојде Гранде Панда. Таа ја врати славата на Торино. Има ли во Фиат 600 нешто повеќе отколку „само“стил? Тест.

Торино направи многу за сцената да се разбуди повторно околу малку поголемите модели на Фиат, не само околу Панда и 500. Првиот човек на марката, Оливие Франсоа, тогаш седна во сив 600, закачен на кран и самиот приреди полукаскадерски потфат, останувајќи зад воланот додека кранот го спушташе автомобилот во базен со 10.000 литри портокалова боја.

Неколку месеци подоцна, на тест во Аутомедиа дојде портокалов Фиат 600, но „веројатно“ не беше оној од спектаклот. Намерата на Торино со оваа невообичаена промоција на моделот, беше на светот да му се пренесе пораката дека Фиат повеќе нема да произведува автомобили, што се лакирани сиво, црно или во каква било нивна нијанса. Тоа имаше многу поширока симболика, иако навистина Фиат денес ги избегнува тие бои. Така почна новото поглавје на големата марка.

Фиат 600 тогаш се покажа одлично на тестот, но донесе и големо освежување враќајќи го на момент духот на „големите“ Фиати, на Пунто, на Гранде Пунто, на Пунто Ево. Тогаш, овој автор побрза да разгласи дека Пунто се вратило. Но, вистинското враќање на Пунто се случи малку подоцна.

Шестоткава, односно Сеичентово, при првото појавување навистина остави впечаток со дизајнот, и општо, со традиционалната умешност на Фиат, да создава едноставни и примерни, но не и „евтини“ модели, за луѓе што не ги оптоваруваа колку им бил голем, силен или скап автомобилот.

Сеиченто се покажа во одлично светло и на тестот. Но, пак нешто недостигаше, за народот да му посвети повеќе внимание на новиот модел. Фиат, сепак, има нов модел, и тоа секогаш било настан.

Состојката што недостигаше беше свежина во делот од пазарот, каде што Фиат сепак е најсилен, а тоа е меѓу малку помалите модели. Таа состојка ја донесе Гранде Панда. И сега, Фабрика Италијана Аутомобили Торино, што ја знаеме како ФИАТ, повторно е комплетна.

Сега успехот на Гранде Панда е тоа што ќе го продава Фиат 600

Гранде Панда е сензација, и со изгледот, којшто одвај дека црпи инспирација од првата Панда од 1980-те, култната и бескласна Панда, и за богато и за небогато, и со противвредноста. Таа направи сцената повторно да му посвети внимание на Фиат. Поради успехот и погоденоста на Гранде Панда, луѓе стануваат љубопитни и сакаат повторно да го посетат салонот на Фиат, да видат што има друго да понуди оваа „домашна“ марка, освен Гранде Панда, Панда и 500.

Додека порано се случуваше и по цел месец да биде иста сликата во салон, денес на секое ново доаѓање има нови бои, нови модели. Фиат Гранде Панда, според неофицијални, но не и оспорени извори, во јуни беше 4-ти најпродаван модел во Македонија. За половина година, издадени се нови регистерски ознаки за 86 Големи Панди. Тоа се 2,5 проценти од целиот пазар.

И, Сеиченто повторно на тест. Моторот е истиот како првиот пат, тоа е 1,2-литарскиот Пјуртек, по ново „обезбеден“ со верига место со ремен во масло, со три цилиндри, со 136 КС, со турбонатполнење и директно впрскување, во комбинација со 6-степен менувач со двојна спојка. Тоа што менува многу е малечкиот елеткромотор што е сместен во ѕвоното на менувачот, со моќност од 21 киловат, односно 28 КС, и со вртежен момент од 55 њутнметри, којшто прави Сеичентово да вози како благ хибрид.

Благиот хибриден погон и натаму нуди најголема корист, со најмала разлика во цената

За пазар што уште е резервиран околу електрификацијата и за администрација што уште нема слушнато за постоење на батериски електрични автомобили и приклучни хибриди, благиов хибрид е најдобриот избор на вид на погон. Додавањето малечок електромотор и малечка батерија, одвај ја оптоварува цената, но затоа носи заштеда и квалитет во чувството во возење, што се многу повредни од доплатата.

Првата корист од благиот хибрид, односно „мХЕВ“, се чувствува уште од стартувањето. Поточно, не се чувствува, затоа што електромоторот го буди бензинецот, тивко и неосетно, за разлика од старите старт-стоп систем, што со времето предизвикуваат аритмија кога неговите звуци ќе почнат да нервираат. Тука е тивко.

Многу е веројатно дека Сеичентово по поаѓање ќе извози стотина метри на струја, пред да се вклучи бензинецот. Возењето во град е повеќе уживање отколку мачење. Тој „мХЕВ“ ќе заштеди и многу гориво. Според Стелантис, 50% од некоја за нив просечна градска рута, ќе се мине чисто на струја.

Тие навидум малку КС од електромоторот, сосем се доволни и за спортско возење

Добро доаѓа и звукот што се слуша од електромоторот, кога ќе се отпушти гаста и ќе почне рекуперација, односно претворање на залетот во електрична енергија, што се насочува кон батеријата, а потоа кон е-моторот. Наспроти убедувањата дека мХЕВ е делотворен само во град и само кога е бавно, тој сепак работи и при возење по кривулест пат, и на автопат, секогаш кога ќе се најде корист од него. Мала разлика, голема промена.

Потрошувачката, земена грубо, ќе се движи околу шест литри, без разлика како е расположена возачката или возачот, дали за брзо, дали за не толку брзо возење. Има и голем потенцијал, ако некој сака да се усоврши и да си поставува рекорди во ниска потрошувачка. Можно е да излезе и 4-ка пред запирката.

Овој примерок од 600-ката е во врвната изведба Спорт. Таа е на исто рамниште со луксузната Ла Прима, исто внимание е посветено за тие да се разликуваат од постандардните изведби. Сé што светка и оддава престиж кај Ла Прима, тука е црно, сјајно, спортски. Маската е лакирана црно, тркалата се други, светат и црните арки на крилата, во целина Фиат не може да утне во стилот.

Седишта со масажа и обложени со квалитетни материјали, што Италијанците вешто знаат да ги изберат

Корисната разлика кај Спорт во внатрешноста е во седиштата. Тие се помасивни, без претерување со тврдоста, со видливо скапи облоги, но и со можност да се пушти масажа. Во Торино знаат дека колава ќе ги наведе своите возачки и возачи да продолжат уште малку со возењето, затоа и им било важно да ја додадат масажата.

Внатрешноста е уредена, не се стекнува впечаток дека се работи за „евтин“ модел, за разлика од бројни сопернички модели што се резервирани и во дизајнот и во материјалите. Можеби некаде ќе се допре потврда пластика, но оваа машина има да понуди многу повредни работи.

Вообичаено за италијанска кола, и псоебно за Фиат, има прегради насекаде, корисни, достапни, згодни. Багажникот нуди простор со зафатнина од 385 литри, тука е со двојно дно, па и со уште едно ниво подолу. Практичноста е пристојна, единствено може да се забележи за тоа што страниците во багажникот се изведени со некоја пресувана форма, место да се обложени со цврста пластика.

Како вози Фиат 600 Спорт и какви се останатите забелешки, доблести, можеби и некој пропуст, погледнете го видеото од тестот

Главните соперници на Фиат 600

Наведените цени се однесуваат на основните моделски изведби и преземени се од македонските вебсајтови на марките

(Д = должина; Ш = ширина; В = висина; – во милиметри; Баг = багажник, литри)

Д

Ш

В

Баг

Цена

ФИАТ 600

4178

1779

1525

385

Од 18990€, 100 КС (редовна 20.490€)

Алфа Ромео Јуниор

4173

1781

1533

400

Форд Пума

4186

1805

1533

456

23900€ (акциска 21900€), 100 КС

Џип Авенџер

4084

1776

1528

380

20900€

Липмотор Б03

4270

1810

1635

407

Наскоро

Нисан Џук

4210

1800

1593

422

Опел Мока

4151

1791

1531

350

23510€

Пежо 2008

4304

1770

1523

350

20990€

Рено Каптур

4239

1797

1575

422

21450€

Сеат Арона

4138

1780

1537

Шкода Камик

4240

1790

1560

400

Сузуки Витара

4170

1780

1600

375

21990€

Фолксваген Т-Крос

4127

1760

1573

455

27416€

Фолксваген Таиго

4270

1760

1520

440

26466€

 

Фиат 600 Спорт во онлајн-каталогот со цени на сите модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Fiat 600 1.2 Hybrid 145 eDCT Sport

До македонскиот вебсајт за Фиат 600

https://www.fiat.mk/modeli/fiat-600-hibrid

 

Претходна објаваБИД лансира модел во стил на Ленд Ровер, цели кон големите СУВ на Хјундаи и Шкода
Следна објаваФранција потроши стотици милиони за поправка на брзинските камери што се оштетуваат секој ден

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here