Ауди отсекогаш му порачува на светот дека марката со четирите прстени го претставува „напредокот преку техниката“, односно на германски „форшпрунг дурх техник“. Но, во последните години, Инголштат ретко се издвојуваше со технолошкиот напредок во своите модели. Веродостојноста на ова мото ќе ја докажува идниот Ауди А2 Е-Трон, малечок електричен автомобил.
Ауди има испишано важно поглавје со својот прв А2 од 2000-та година. Малечкиот автомобил со каросерија меѓу ван и Авант беше технолошка револуција во секој поглед. А2 се издвојуваше и со врвната аеродинамичност и со широката примена на алуминиум, вклучувајќи ја каросеријата изработена од лесниот метал.
Прво нешто кај новиот модел секако дека е прашањето, колку идниот А2 ја почитува технолошката авангарда и колку се издвојува, како што се очекува од модел на Ауди.
Појавата буди симпатии, затоа што во изгледот на каросеријата лесно се препознава дизајнот на првиот А2. Предниот каросериски испуст е кус, покривот почнува да се спушта уште од Б-столбовите, а не недостига и спојлерот во опашот, што го дели задното стакло.
Во дизајнот, Ауди А2 навистина заслужува да биде поздравен. Иако се чини дека сé се сведува на мазни и чисти површини, тука и таму ќе се воочи по некој раб или нагласување на некој детал, како што е со арките во крилата или со праговите што се изведени мускулесто.
Електричниот автомобил меѓу ван и Авант е долг 4,30 метри и со тоа спаѓа во компакт класата. Ауди ветува многу простор во кабината, што секако дека е придобивка од самиот елеткричен погон. Посебно се нагласува просторноста на задната клупа.
Техниката на Ауди А2 Е-Трон се потпира врз платформата МЕБ+, којашто е изведена од првата платформа МЕБ, што ја користат Фолксваген ИД.4/ИД.5/ИД.7, па и самиот Ауди Ку 4 Е-Трон. МЕБ+ првпат е користена во ИД.3 Нео, односно во фејслифтот на ИД.3, а уште помасовна примена има нејзината веријанта со преден погон, за новата четворка малечки електрични модели со достапна цена на концернот, од Фолксваген ИД Поло до Купра Равал.

Посилната изведба на А2 Е-Трон поседува батерија од 58 кВч, со поевтината хемија ЛФП, и електромотор АПП 350 на задната оска, со моќност од 140 киловати, односно 190 КС. Новото Ауди може да полни на брз полнач со моќност до 105 кВ, односно 11 кВ на домашен полнач. Тоа се примерни вредности, но не и спектакуларни.
Интолштат ќе го продава Ауди А2 Е-Трон и со батерии со големина од 50 и 79 кВч, со моќност во распон од 125 до 240 киловати, односно 170 до 327 КС.
Во аеродинамичноста е посебноста кај Ауди А2 Е-Трон
Тоа што го издвојува Ауди А2 Е-Трон и подрачје во коешто инженерите тргнале да се докажат најмногу, тоа е аеродинамичноста. На оваа должина на каросерија, да се постигне коефициент 0,24, секако е потфат. Тоа е дури и подобро од специјалната 3Л-изведба на А2 од 2001 година, за којашто цел автомобилски свет остана вчидоневиден од вредноста 0,25.
Многу трикови се користени, од целосно мазен под, до формата на тркалата, до спојлерот, воздушните завеси во носот или роелтната во маската, што се отвора, само кога треба да се пушти воздух за ладење на погонот и батеријата.
Оваа аеродинамичност се огледува во ниската потрошувачка на енергија. Ауди наведува вредност од 12,8 киловатчасови на 100 километри за најдштедливата изведба. Тоа е за 1 кВч подобро од најдобриот ИД.3 Нео.
Ауди како опција ќе нуди спортско подвозје, со коешто каросеријата уште повеќе се приближува до асфалт. Тоа им годи и на возните својства и на штедливоста.
Уште едно подрачје во коешто се очекува Ауди да стави свој печат секако се управувањето, нагодувањето на подвозјето, завршната изработка.
Премиерата на серискиот модел ќе се одржи на 7-ми септември, нарачките почнуваат наесен, за првите возила да бидат испорачани уште пред завршетокот на годината. Германски медиуми наведуваат дека основниот модел ќе почнува од околу 38.000 евра.
















