Комбинирано возење на струја и бензин веќе нудат приклучните хибриди. Но, кинескиот Forthing сака да биде подобар: Нивниот S7 REEV е подостапен и поштедлив. Како функционира тоа, тестиравме на круг од 750 километри низ цела Македонија.
Forthing не е безимена марка на македонската сцена, главно благодарение на впечатливиот пробив на Т5 Evo. Овој СУВ од рангот на Киа Спортаж или Хјундаи Тусон докажа дека Кинезите имаат материјал да продаваат и во сегментот на цени од околу 30.000 евра. Следи уште една револуција на Forthing, со лимузината S7 со електричен погон, но и со т.н. продолжувач на досег. Тоа е мал, но сосем корисен бензинец, што тука има задача да произведува струја. На тестот, S7 REEV возеше круг низ цела Македонија, преку четири планински превои, по автопат, по жега и дожд. Може ли од тоа да излезе најдобриот погон на денешницата, со добра резерва за иднина?
Лимузинава е црна и претставителна, распослана на пет метри и широка речиси колку С-Класа, впечатлива со дарт-вејдеровскиот изглед на предницата. Но, намерата на Кинезите не беше да постигнат само појава што ќе биде забележана. Тоа што е највредно кај оваа лимузина е технологијата, и тоа точно погонската.
Во време кога светот уште се двоуми дали да си остане на нафта или колку е можно побрзо да се префрли на струја, на сцената се пробива еден вид на погон, што се чини дека досега најдобро балансира меѓу двете страни. Ознаката REEV што увозникот на Dongfeng, ABC Brother, ја напиша со крупни букви на вратите, означува Range Extender Electric Vehicle. Во превод, електричен автомобил, но не обичен, туку со продолжувач на досег.
Оваа погонска технологија, што сосем неочекувано, не доаѓа од Германија или од Јапонија, туку точно од Кина, барем во поглед на нејзиното омасовување, користи електромотор и батерија. Но, кога батеријата ќе се испразни, тука возачот и патниците не мора да вклучуваат паничен режим и да го бараат најблискиот полнач.
Патувањето со Forthing S7 REEV во тој случај продолжува најспокојно. Целата револуција е во тој продолжувач на досег. Тоа не е некој нов погонски агрегат, што допрво ќе мора да се докажува и за којшто сопствениците ќе се чудат кога ќе му дојде време за поправка, туку е добар, познат, вечен бензински мотор.

Бензинецот со фабричка ознака DFMC15DE располага со зафатнина од 1,5 литар, ги има сите цилиндри на број, нема турбонатполнење, потекнува од истата генерација мотори Mach E Power на групацијата Dongfeng, како моторите во Aeolus Mage и Aeolus Huge – двата тестирани во Аутомедиа – и црпи гориво од резервоар од 45 литри.
Бензинецот со 100 КС е доволен?
Единствено може да буни моќноста на моторот: 100 КС. Колку може мотор со 100 КС да биде моќен да движи пеметарска лимузина што тежи преку 1,8 тон? Секако дека тоа би бил тежок и мачен предизвик, но тајната е во тоа што овој бензинец вооошто нема задача да испорачува погон. Тој само произведува електрична енергија, што се акумулира во батеријата и со тоа му се обезбедува енергија на погонскиот електромотор.
А, тоа значи, штом батеријата ќе се испразни, бензинецот се вклучува – помалку или повеќе, зависно од режимот што ќе си го избере возачката или возачот – и место да се бара полнач и да се чека, патувањето едноставно продожува, затоа што S7 REEV ја користи топлинската енергија на горивото што моторот ја претвора во електрична енергија.

Следното приклучување на батеријата на полнач може да биде по десет, педесет, сто километри, сеедно. Не мора да се бара полнач и да се скршнува од патот, човек има слобода да си запре на полнач каде што сака. Генерално, со мали ограничувања, кога нема да се запне толку за батеријата да се наполнела брзо и веднаш, возењето продолжува исто како со бензински автомобил.
Тоа би бил совршениот погон. Но, секако дека и овој електричен автомобил со продолжувач на досег не е толку семоќен. Користењето на режимот кога бензинецот работи како генератор и ја полни батеријата, односно ја одржува нејзината наполнетост на одредено ниво, има смисол колку да се дојде до одредиштето. Потоа би било разумно да се побара полнач, но тоа барем ќе се одвива многу поспокојно.

Forthing S7 REEV е електричен автомобил колку и секој друг, но со резерва, поточно со резервоар
Не мора бензинецот и тука да биде главна ѕвезда. Сепак, електричниот погон е тој што ја одликува лимузинава. Електромоторот располага со моќност од 154 киловати, односно 209 КС, и испорачува вртежен момент од 310 њутнметри. Тоа е на рамниште на натпросечен дизел.
Батеријата е со капацитет од 28,4 киловатчасови. Производителот наведува потрошувачка на струја од 12,3 киловатчасови на сто километри. Оттаму произлегува досег од 235 километри, според кинеската норма CLTC. Според декларацијата за македонскиот пазар, досегот е 180 километри.

Разликата во споредба со приклучен хибриден погон се чини дека е незначителна, затоа што и денешните модели со овој вид погон, честопати постигнуваат електричен досег од преку 100 километри, па некои премиум модели, продолжуваат на струја и до двесте километри. Но!
Најкорисната разлика: ЕВ со продолжувач на досег е подостапен од приклучен хибрид и далеку поштедлив
Пак е цената таа што останува како пресуден фактор. А, точно цената оди во прилог на овој REEV. Увозникот го рекламира S7 со промотивна цена од 31.900 евра, што е 3.000 евра под редовната цена. Приклучен хибрид со споредлива цена, пак нуди единствено Dongfeng. Тоа е СУВ-моделот E5 PHEV од „класичната“ марка DFSK, мошне баран и на пазарите во ЕУ, а кај нас со титула на најдостапен модел со приклучен хибриден погон.
Но, овој E5, што е верзија на познатиот DFSK 600, има помала батерија и помал досег, и општо е модел со пониска спефикација во споредба со Forthing S7 REEV, од марка што е пулен на Dongfeng и на праг е до премиум марката Voyah. Лимузинава во Кина се продава и под специјализираната техно-марка eπ, како џејмсбондовски модел 007. Приклучните хибриди, пак, што му се дораснати на S7 REEV, чинат повеќе околу 50.000 евра, отколку 40.000 евра.

Прашањето, дали електричен автомобил со продолжувач на досег или приклучен хибрид, релевантно е во зависност од тоа дали човек сака повеќе да вози на струја, или сака со хибридот да биде најбрз на автопат, да ги престигнува сите на нагорнина, и да полни струја повремено, повеќе како исклучок, отколку правило.
Место да се плаќа голем мотор и голема батерија, кај S7 REEV се доволни нормален мотор и малечка батерија, но пак има моќен електромотор
Големата предност на овој REEV е во тоа што не се користи менувач во погонската спрега. Кај приклучните хибриди обично работи менувач со постојано променлив преносен однос (CVT) или менувач со двојна спојка (DCT). Во секој случај, менувач што чини пари, менувач што тежи стотина килограми, и исто така важно, менувач што создава и отпор во погонската спрега, а тоа значи дека директно влијае и врз потрошувачката.
Во овој техно-болид S7, се користи обичен редуктор, како во секој електричен автомобил. Нема дополнителна тежина од менувачот, нема дополнителен отпор, цената е подостапна, потрошувачката е пониска.
Додека кај приклучните хибриди мора да се имаат голем и скап мотор, голема и скапа батерија, и силен електромотор, во Forthing S7 REEV се доволни нормален мотор, мала батерија, а пак силен електромотор.
Кој цени дека електричен автомобил е добар и без продолжувач на досег, Dongfeng ја нуди лимузинава и со поголема батерија, без генератор, по истата цена
За возачки и возачи што се подготвени за 100% возење на струја, без генератор, Forthing го нуди истиов S7 и во стандардна електрична верзија, со истиот електромотор, но и со голема батерија од 56,8 киловатчасови, со досег до 540 километри. По истата цена како за REEV. Појасно од тоа нема.
Според фабрика, S7 REEV на брз полнач црпи струја со моќност од најмногу 80 киловати и полни од 30 до 80 проценти за 30 минути. Доколку се користи обичен полнач, обновувањето на енергијата ќе трае најмногу 9 часови, со сопствениот полнач од 6,6 киловати што е вграден во лимузинава.
Како сето тоа се покажува во вистински услови на возење?
За волку револуционерен погон, потребно е и соодветно тестирање. А, каде некој автомобил да се провери подобро, отколку на супер-турата на Аутомедиа, по којашто претходно имаат возено Toyota Corolla Hybrid, Mini Cooper SE како прв електричен автомобил на турата, по него електрична Toyota bZ4X, и најново, Kia Stonic, како модел со најдобра противвредност на пазарот.
Тоа е тура во вкупна должина од околу 750 километри, на релација Скопје – Свети Николе – Штип – Кочани – Македонска Каменица – Делчево – Берово – Струмица – Гевгелија – Неготино – Прилеп – Битола – Охрид – Кичево – Гостивар – Тетово – Скопје. Се вози во сите услови, и преку планински превои (Преведена/Огражден, Плетвар, Галичица, Стража) и на автопат, и на лош и на мазен пат, по свијоци, по спореден пат.
Целото видео од историското патување со Forthing S7 REEV низ Македонија
Forthing дојде на тест со полн резервоар од 45 литри и наполнета батерија. Пред да започне големиот тест, беа извозени околу 200 километри, да нема изненадувања. На поаѓањето од Скопје на долг пат, S7 REEV имаше гориво за уште 555 километри, со потрошени 20% од горивото и батерија за 155 километри, односно наполнетост од 92 проценти.
Претходно беше наполнета батеријата на брз полнач на ЕВН, на станицата за гориво на Макпетрол во Визбегово. Од 19 проценти и досег од 32 km, батеријата се наполни до 80% за 14 минути. Бидејќи тоа се виде пребрзо, Forthing беше оставен да полни до 100%. Правилото кај секој ЕВ е тоа што техниката полни брзо до 80%, а во преостанатите 20% забавува и ја смалува моќноста, заради заштита на батеријата.
На крајот излезе дека за 41 минута се наполнети 24,6 киловатчасови и постигната е наполнетост од 98 проценти. Со картичка на ЕВН, тоа функционира беспрекорно. Единствено се допира картичката на читачот, и полнењето се одвива без каков било дополнителен чекор. Сметката со којашто е поврзана картичката ќе биде оптоварена со 688,8 денари, толку чинеше полнењето.
Може да се избира меѓу 4 режими на работа на погонот
Преку дисплејот се пристапува до изборот на начинот на работа на погонот, иако Forthing S7 REEV ќе продолжи да си вози во секој од нив, без разлика дали батеријата е испразнета или дали резервоарот е пред резерва. Со 4-те режими на возење главно се одредува, дали батеријата да се исцрпи до крај, дали моторот да се вклучува почесто и подолго, за наполнетоста на батеријата да се одржува на повисоко или пониско ниво, или дали електромоторот да црпи енергија од батеријата безрезервно. Генераторот не влијае врз погонот, единствено се одредува колку често тој да се вклучува. Четирите режими во кратки црти:
Forced pure electric (Вклучување на моторот во краен случај)
- Се вози со постоечката енергија во батеријата, сé додека не се достигне минимумот. При ниска наполнетост, моќноста се смалува. Во краен случај вклучува моторот за да ја поднаполни батеријата. Главно за градско возење.
Pure electric priority (Вклучување на моторот по потреба)
- Сценарио кога од приградска средина се патува до работното место во градот или обратно. Место батеријата да се троши до крај и да се смали моќноста, тука се задржува моќноста, со тоа што по потреба се вклучува моторот и произведува енергија за батеријата.
Gas-electric hybrid (За умерено возење)
- Моторот се вклучува по потреба за да ја одржува наполнетоста на батеријата на средно ниво, заради резерва кога ќе се побара повисока моќност од погонот.
Fuel priority (Моторот ја полни батеријата)
- Се користи при возење на автопат или на планински пат, кога моторот почесто и подолго останува вклучен, за да произведе енергија и да ја зголеми наполнетоста на батеријата на повисоко ниво. Се постигнува и повисока моќност.
Целото возење во должина од околу 750 километри, мина без дополнување на резервоарот, и со едно полнење на батеријата по пат. Forthing S7 REEV повторно наполни за 40-на минути на брзиот полнач на ЕВН на станицата на Макпетрол на автопатот во близина на гевгелиска Богородица.
Се покажа дека не сме единствени на тој полнач, затоа што гости од Турција го имаа приклучено својот Togg. Чекањето траеше пет минути, гостите уредно се вратија да го откажат својот автомобил од полнач и да ослободат место.
Второто видео од тестот на Forthing S7 REEV, со вредностите „во стоење“
Forthing S7 REEV е како студиските автомобили со врвна аеродинамичност и футуристички погон од големите салони на автомобили пред три и четири децении
Во општи црти, Forthing S7 REEV е лимузина со исклучителна аеродинамичност и рекорден коефициент 0,191. Така изгледаа студиските автомобили што пред три децении се појавуваа како возила на иднината на големите салони на автомобили во Франкфурт, Париз, Женева, Токио. Кинезиве изгледоа похрабри и реализираа во серија автомобил со форма на капка, како совршена и природна форма за најлесно пробивање низ воздухот. Тоа е клучно за потрошувачката на гориво и струја да биде со најниска можна вредност, но и за комфорот во возење, поради отсуството на звуци од струење на воздухот.

Возењето е мошне комфорно, со класичното лимузинско чуство на заден погон, на задна оска што „турка“. Просторноста е без забелешки, исто и изработката. Со бела вештачка кожа е обложена целата кабина и тоа внесува нишка на отменост, престиж. Голем удел има и стаклениот покрив, што е стандард и опфаќа површина колку што може пошироко. Стравувањето дека кабината ќе се прегрева се покажа непотребно, затоа што стаклото поседува делотворна филтрација и внатрешноста не се загрева повеќе од авотмобил со обичен покрив.
Забелешки да, но не за погонот
Забелешки може да се наведат само за неколку зафати во ракувањето, коишто отстапуваат од вообичаената шема на ракување. Истото важи и за одредени функции до коишто се пристапува преку дисплејот, вклучувајќи ја камерата за сообраќајни знаци, којашто се чини дека при секое седнување ќе мора да се вклучува одново. За разлика од средишниот дисплеј, возачкиот дисплеј можело да има поубедлив приказ, во поглед на графиката.
На задната клупа се седи пониско, заради формата на покривот што се спушта наназад, исто и страниците благо се вовлекуваат заради аеродинамичноста, меѓутоа седењето пак е удобно. Не мора да пречи тоа што и клупата е за прст-два покуса. Уште една забелешка е тоа што клупата не е поделена и се соборува целосно.
Повеќе внимание можело да се посвети и во багажникот, посебно откако во кабината ќе се почувствува вистински домаќински пристап. Место ролетна, назад е поставена крута полица, недостигаат и прегради и мрежички за ситни предмети, што е за очекување кај автомобил од оваа големина, намена и класа. Но, можеби нашата европска школа нé научила на тоа. На прочуените трговски мрежи може да се нарача сé, па и посебни кутии, прегради или практични решенија на коишто други не се сетиле.
Погон на иднината во сегашноста
Погонот е главното кај Forthing S7 REEV. Тука не е тема цената, опременоста, големината, дизајнот, материјалите. Електричниот погон со продолжувач на досег, како многу попаметно решение од тоа што го засмејуваше цел свет, со снимките со Tesla како возат по патиштата низ САД со генератор закачен на приколка зад возилото, претставува вид на погон што во Кина е хит, а Европа допрво ќе свати дека го сака. Можноста да се вози на бензин, повеќе е заради успокојување и резерва, отколку како правило за користење. Во основа, S7 REEV ќе вози на струја до каде што може, а кога ќе затреба и мога може, ќе се приклучи на полнач. S7 REEV е убедлив и како концепт на автомобил воопшто, затоа што се разликува и поседува карактер. Целата смисла ја дава и цената. По цена од околу 32.000 евра, на друго место денес се добива обичен компакт.
















