Porsche Cayenne преоѓа од модел во моделско семејство. Купето пристига како втора каросериска изведба на динамичниот СУВ, со уште повеќе нагласок на спортскиот карактер и неколку префинети детали, како што впрочем е ред кај секое купе. Во опашот се повторува линијата на 911 верно како кај никој друг не-911.
Третата генерација на Cayenne првпат добива купе изведба, покрај класичната каросериска варијанта. Техниката е иста, дизајнот оддава поголема динамичност, чувствата што ги поттикнува се посилни. Секако дека највпечатливата промена е во комплетно сменетиот опаш, кадешто се наоѓа приспособлив заден спојлер. Место задна клупа има две засебни седишта, а покривот се изработува во две варијанти – стандарно со големо панорамско стакло или опционално со цел покрив од карбон.
Според дизајнерот Михаел Мауер, Porsche Cayenne Coupe поседува најспортска линија во сегментот. Ветробранот и предните столбови се повеќе закосени, во комбинација со покривот кој е за 20 милиметри пониско во споредба со стандардниот Cayenne. Новите задни врати и крила го прошируваат опашот за 18 милиметри и оддаваат мускулест изглед. Возилото визуелно е пониско и со тоа што регистерската таблица е преместена во браникот.
Активниот заден спојлер се извлекува за 135 милиметри над 90 km/h
Фиксен кровен спојлер и адаптивен заден спојлер следуваат стандардно кај секој Cayenne Coupe. Вториов автоматски се извлекува за 135 милиметри над 90 km/h, зголемувајќи го притисокот врз задната оска. Во исто време, активната аеродинамика влијае позитивно и врз потрошувачката на гориво.
Карбонскиот покрив се нуди со доплата, во еден од трите пакети за смалување на тежината. Покривот е впуштен во средината, по пример на Porsche 911 GT3 RS. Дел од пакетите се новите бандажи од 22 инчи, со смалена тежина. Внатре се користи класична каро-мустра, заедно со неколку детали од карбон и облоги од алкантара.
Предните седишта се нови и поседуваат електрично местење. Назад се седи за 30 милиметри пониско отколку во класичниот Cayenne. Багажникот располага со 625 литри, со соборена клупа расте на 1.540 литри.
Во почетокот се достапни мотори со 340 КС и 550 КС
Две турбо погонски единици стојат на избор за старт. Cayenne Coupe со трилитарски шестцилиндарец располага со 340 КС и 450 њутнметри, а спринтот до сто трае 6,0 секунди со опционалниот пакет спорт-хроно. Крајната брзина изнесува 243 km/h. Топ-моделот Cayenne Turbo Coupé поседува четирилитарски V8 со битурбо натполнење, со 550 КС и 770 њунтметри. Спринтот трае 3,9 секунди, крајната брзина изнесува 286 km/h.
Испораките ќе стартуваат кон крајот на мај. Во Германија, Cayenne Coupé чини 83.711 евра, додека Cayenne Turbo Coupé се цени на 146.662 евра.
Porsche вложува 600 мил. € во фабриката во Лајпцих
Возење Porsche со месечна претплата, без договори, само гориво
Porsche пред 70 години првпат изложуваше во Женева
Porsche обезбеди 49.000 полначи за своите електрични модели