за

Менувач со двојна спојка и за шестцилиндарските верзии на Porsche 718

Врните моделски изведби во гамата на Porsche 718, со четирилитарскиот боксер, досега беа достапни само во комбинација со мануелен менувач. Спортската марка отсега вградува и менувач PDK, кој нуди повеќе комоција, но и перформансите профитираат.

porsche 718 so menuvac pdk

Моделските верзии на Porsche 718 со четирилитарскиот боксер со шест цилиндри, отсега може да се добијат и во комбинација со менувач PDK. Двете каросериски варијанти на 718 GTS 4.0 – Boxster и Cayman – исто како и топ-верзиите 718 Spyder и 718 Cayman GT4, достапни се со автоматизираниот менувач.

Предноста на менувачот со двојна спојка е позната и ценета веќе со години – нема прекин во влечната сила. Тоа го прави возењето покомотно, но во исто време се скусува и спринтот. Во споредба со моделите 718 со мануелен менувач, GT-моделите 718 Spyder и 718 Cayman GT4 со 420 КС се побрзи за половина секунда во спринтот до темпо сто. Нивното време е 3,9 секунди. Забрзувањето до следната „стотка“, до 200 km/h, трае 13,4 секунди, што е 0,4 секунда подобро.

Овој спринт, моделите 718 Cayman GTS 4.0 и 718 Boxster GTS 4.0 со 400 КС, го совладуваат за половина секунда побрзо (4,0 секунди до сто и 13,7 секунди до двесте километри на час) во верзиите со менувач PDK, во споредба со моделските верзии со мануелен менувач.

Стандардниот пакет Sport Chrono во моделите 718 GTS 4.0 соодветно ја приспособува работата на PDK преку четири разчлични програми (нормална, спортска, спортска плус и индивидуална). Времетраењето на менувањето се скусува во спортската програма, вклучувајќи и автоматски меѓугас при префрлување во понизок степен.

Дваесет секунди стои на располагање екстра-моќност по притискање на копчето, по пример од мотоспортот

Копчето Sport Response што се наоѓа средишно во бирачот за режим на возење, ги активира максималните перформанси во времетраење од 20 секунди, без разлика на актуелниот режим. Оваа функција од мотоспортот е корисна при престигнување.

Уште поекстремно е во врвните модели 718 Spyder и 718 Cayman GT4. Преку копчето PDK Sport се програмираат максималните перформанси. За чувство како во GT-болид се грижи рачката за бирање во стил на 911 GT3. Седмиот степен кај сите варијанти на 718 со атмосферски мотор е скусен.

Верзиите на овие два модели со менувач со двојна спојка уште потемелно го искористуваат дејството на механичката блокада на диференцијалот. Блокадата изнесува 30% при влез и 37% на излез од свијок, наспроти 22 и 27 проценти кај верзијата со мануелен менувач. Тоа ги подобрува возните својства, а со тоа и уживањето.

Новини има и во опремата. Во замена за алкантара се користи квалитетен рејс-текс, по пример на тркачките седишта. Палетата од бои за GТ-варијантите е збогатена со специјална питон-зелена боја. Бандажите од 20 инчи во изведбата 718 Spyder сега може да бидат лакирани во златната боја позната од GT4.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lexus со ѕвездите на филмскиот фестивал во Венеција

Lexus меѓу ѕвездите на филмскиот фестивал во Венеција

Првпат полначи за струја заедно со обични пумпи на аутобанот