Концернот Stellantis се свртува кон Шпанија додека бара начин да обезбеди дополнително производство на популарниот електричен модел Peugeot e-208. Од друга страна, француските власти притискаат за дополителното производство на моделот да се одвива локално.
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер бара Stellantis да го произведува градскиот електричен модел во земјата и разговарал за тоа со извршниот директор Карлос Тавареш. Тоа го кажуваат менаџери што се упатени во разговорите, меѓутоа не го откриваат идентитетот, затоа што станувало збор за приватни разговори.
Stellantis во моментов ја произведува целосно електричната изведба на Peugeot 208 во фабриката во Трнава, Словачка. Концернот планира популарниот модел да го произведува дополнително во својата фабрика во Сарагоса, во североисточна Шпанија. Таму веќе се произведуваат сродни модели од градската класа, вклучувајќи ја Opel Corsa. Уште не е донесено конечно решение.
Изведбите на Peugeot 208 со бензински мотори се произведуваат дополнително во Кенитра, Мароко. Stellantis таму неодамна вложи стотици милиони евра, во проширување на производството.
Електричните возила стануваат политички проблем
Владите ширум Европа се борат да ги задржат работните места во фабриките за автомобили, додека браншата се префрлува на електричен погон. Обезбедувањето на производството на големоволуменски модели, каков што е Peugeot 208, би претставувало победа, затоа што станува збор за моментно најпродаваниот градски автомобил во Европа. Тој го прекина 14-годишното владеење на Volkswagen Golf во 2022 година.
Шпанија е меѓу државите што станаа поконкурентни за вложување во фабрики за производство на електрични возила и батерии, поради повластената даночна стапка и релативно ниската вредност на работната рака и ниската цена на енергијата.
Француската влада соработува со Stellantis за во земјата да се произведуваат колку е можно повеќе електрични возила. Тоа го тврди претставник од министерството за финансии, не наведувајќи поединости.
Stellantis потврди дека ќе произведува 12 модели на електрични возила во Франција. Но, тоа се главно поголеми и поскапи модели, како што е компактниот e-308 и фастбекот e-408.
Откако Renault потврди дека својот електричен модел R5 ќе го произведува во земјата, Париз се надева дека и Stellantis ќе произведува поголем број возила во земјата. Тоа ќе помогне да се надмине инфлацијата.
Stellantis во почетокот на месецот објави дека годинава планира во Франција да отвори дополнителни 1.200 работни места во производството, инженерингот и во продажбата.
















