Porsche Cayenne помина низ сеопфатен фејслифт, со посилни мотори и со преработена внатрешност, во којашто владее најнапредна дигитална технологија.
Претставен денес на салонот на автомобили во Шангај, Porsche Cayenne располага и со значајни промени во погонот, подвозјето, дизајнот и во технологијата што е вградена во престижниот СУВ.
Штутгарт значително ја збогати сериската опременост на Cayenne, којашто сега вклучува диодни светла со висока дефиниција, активно подвозје, тркала од 20 инчи и целосен арсенал од системи за асистенција и безбедност.
Михаел Шецле, заменик директор за моделската серија Cayenne, вели дека моделското годиште 2024 е меѓу „најобемните унапредувања на модел во историјата на Porsche.“
Cayenne воведува нов концепт на организација на кокпитот, којшто е насочен кон возачот и ги соединува дигиталниот и аналогниот свет. Во исто време, во дизајнот се применети неколку обележја што се позајмени од историските модели на германската спортска марка.
Меѓу новите елементи што се преземени од електричната спорстска лимузина Taycan, спаѓаат дигиталните инструменти од 12,6 инчи, што стојат самостојно, како и преработената средишна конзола. Воланот со изобилство од функции, што беше воведен првпат во актуелниот Porsche 911, овозможува брз пристап до програмите за возење и до начинот на прикажување на содржините во дигиталните инструменти.
Бирачот на програма за возење во Cayenne е преселен десно од воланот. Со тоа се ослободи простор за големи контроли за клима уредот во средишната конзола. Исправените отвори за проветрување внесуваат традиционална нишка.
Со доплата за дисплеј од 10,9 инчи пред совозачот, првпат применет кај Taycan, се внесува повеќе забава на совозачкото седиште. Патниците можат да го користат дисплејот за да ракуваат со навигацијата или да изберат музика. Посебна технологија на засенување оневозможува возачот да гледа во дисплејот додека вози.
Има важни новини и во трите понудени погонски единици во гамата на Cayenne. На местото на моторот V6 во Cayenne S, доаѓа 4,0-литарски V8 со 474 КС. Исто и 2,9-литарскиот V6 се заменува со трилитарец со 353 КС. Истиот мотор работи и во Cayenne E-Hybrid, но во комбинација со електромотор од 130 kW, од што произлегуваат системски 346 kW, односно 470 КС. Големината на батеријата е зголемена од 17,9 kWh на 25,9 kWh, што овозможува досег до 90 километри.
Hадвор од Европа, местото на топ-модел и натаму му припаѓа на Cayenne Turbo GT coupe. Моќноста на 4,0-литарскиот битурбо V8 порасна на 659 КС.
View this post on Instagram
Промените зафатија и во изгледот. Cayenne доби нов нос, со стилизирани браници, нова хауба и редизајнирани светла. Промени во истиот стил го зафатија и опашот, заедно со нов дифузор со интегриран држач за регистерската таблица.
Моделите во гамата на Cayenne стандардно располагаат со челични спирални пружини. Новите амортизери со два вентили обезбедуваат покомфорно возење при пониска брзина, но во исто време се грижат и за подобра управливост во свијоци, како и намалени надолжни и странични движења на каросеријата.
Со доплата за приспособлива пневматска суспензија, што е стандард кај Cayenne Turbo GT, се постигнува уште поголема стабилност при возење и на пат и на терен, додека во исто време движењата на каросеријата при поамбициозно возење се сведуваат на најмала можна мера.
Ценовникот почнува од 98.098 евра во Германија (купе-моделот 93.143 евра). За хибридниот модел, стартот е на 103.377 евра, а ценовникот го заокружува Cayenne S за 107.542 евра.
















