Peugeot 3008 GT: Карактер на теренец, дух на спортски компакт

Новиот кросовер на Французите не го носи беџот GT напразно, туку го почитува во најдобрата традиција на „Gran Turismo“, со моќ и со стил. Заедно со топ моделот 3008 GT пристига и нивото на опрема GT Line.

По само неколку недели од официјалната премиера на 3008, Французите ја претставуваат спортската верзија GT. Ексклузивно за неа е наменет дволитарскиот BlueHDI со 180 КС, во комбинација со шестстепен автоматски менувач. Посебност на GT е можноста за нарачка на двобојна каросерија „coupe franche“. Заедно со спортската верзија GT, Peugeot го воведува и нивото на опрема GT Line во комбинација со останатите мотори. Пазарниот старт се очекува кон крајот на октомври.

Peugeot 3008 GT и 3008 GT LIne

За спортскиот изглед на 3008 GT се грижат проширени крила и двобојни бандажи Boston со гуми 235/50 R19. Диодни светла следуваат како стандард, исто како и трепкачи со динамичен режим на работа. Како опција за стандардниот црн покрив се достапни три бои на каросеријата (платинесто сива, амазонски сива и бакарно-портокалова металик), што следуваат со опаш во бисерно црна боја – тоа е впечатливиот „coupe franche“ во стилот на 308 GTi.

Peugeot покажува почит кон ознаката GT и малку потемелно од вообичаеното во браншата го облагородува кросоверот, во најдобрата традиција на Gran Turismo. Веќе е јасно дека секоја нова моделска генерација сé повеќе ќе го нагласува премиум карактерот на Peugeot во групацијата

Француските стилисти го облагородиле и целиот ентериер, почнувајќи од двојниот штеп во бакарна боја што почнува од стреата над инструментите и се протега по целата кабина, вклучувајќи ги и седиштата. Соодветно на спортскиот карактер на GT, седиштата се во комбинација од алкантара и вештачка кожа. Мини-воланот е веќе заштитен знак на i-Cockpit на Peugeot, тука со зарамнет долен дел и со натпис GT на хромирана основа. Самиот волан е обложен со мека напа кожа и има бакарен штеп.

Алкантара, буково дрво, бакарни штепови – стилот во 3008 GT има посебна нота

Во кокпитот на GT се поставени и украсни панели од вистинско буково дрво, во контраст со останатите материјали во кабината. На тоа следуваат и дополнителни детали во сатиниран хром, педали и плочки на праговите од благороден челик, таван во црна боја и патосници со бакарен штеп. Целата приказна околу бакарната боја кулминира во инструментите во истата боја.

https://youtu.be/EACC27T7pts

Амбиентот во кабината може да се дотера по желба: Се избираат интензитетот на амбиенталното осветлување, анимациите на дисплејот, озвучувањето, парфимирањето на кабината, масажата во седиштата, тука буквално ништо не недостига.

Врвен момент е осветлувањето на подрачјето пред вратите преку диодните светилки во ретровизорите, при што врз подлогата се проектира и лавот, како заштитен знак на Peugeot.

Нивото на опрема GT Line го нагласува чувството на премиум во Peugeot

Со воведувањето на нивото на опрема GT Line од пред една и пол година, Peugeot започна да ја реализира стратегијата на повисоко позиционирање на марката. Откако нивото е воведено во моделите 108, 208, 2008 и 308, сега следува и 3008 GT Line, достапно за сите мотори во понудата, освен за дволитарскиот дизел со 180 КС, кој е резервиран за 3008 GT.

Голем дел од ставките од GT се преземени и во нивото GT Line, како преод меѓу стандардните нивоа на опрема и топ-нивото GT. Предниот браник и маската се разликуваат од стандардните изведби на 3008, диодните светла следуваат како стандард, исто како и црниот покрив, прозорците имаат рамка од благороден челик, постои и опција за двобојна „coupe franche“. Внатрешноста е блиска до GT, без неговите дрвени апликации и алкантарата на седиштата.

[FAG id=24836]

Претходна објаваДобро извежбана каросерија на овој Audi A6 Avant
Следна објаваЕлектрични автомобили на Renault за „Рајската градина“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here