Пред 40 години, во средината на 1980-те години, рели спортот беше на речиси исто рамниште со кралицата Формула 1, во поглед на гледаноста и значењето на победата за имиџот и за „салонската“ трка меѓу производителите.
Стандардната изведба Пежо 205 Турбо 16, што сјаеше во салонските излози, беше меѓу најголемите ѕвезди на целата сцена. Тоа беше цивилна изведба, односно хомологациската основа за рели-монструмот на Пежо, што го освои првенството во рели во озлгогласената Група Б, во нејзината последна година. Потоа, светот ја забрани оваа група, стануваше преопасно, возилата стануваа сé побрзи и подиви.
Заслугата за овие успеси е кај легендата Жан Тод, поранешен совозач и директор на тогаш новиот тим Пежо-Талбо Спорт. Откако ги изненади сите со освојувањето на светското првенство во 1981 година, со Талбо Санбим Лотус, француската компанија се реши на радикални чекори и го претвори Пежо 205 во вистинска рели машина.
Монструмче со 560 коњи
„Роден“ како Пежо 205 Турбо 16, рели болидот поседуваше погон на сите тркала, мотор вграден средишно, со зафатнина од 1.775 сантиметри кубни и тогаш „револуционерни“ 16 вентили, со моќност од 350 до 370 КС при неговото појавување во рели. Понатаму, кога дојде време за Ево 2, моќноста достигна 560 КС.
Рели 205-ката само изгледаше слично на серискиот модел. Каросеријата беше поставена врз монокок, зајакната со карбонски влакна, со агресивни спојлери. Компактна, лесна (од 930 до 960 килограми), Турбо 16-ката беше измислена за рели, точно како за Група Б.
Првото рели ѝ беше на Корзика, на Тур де Корс во 1984 година, кога Ари Ватанен го одушеви светот победувајќи на релито. Пежо 205 Т16 во пет учества постигна четири победи, заедно со 1000 Езера, Санремо и РАК Рели. Пежо го освои првенството во таа година.

Ништо не беше различно во 1985 година. Пежо го освои првенството меѓу конструктори, светот зборуваше за победата на Тимо Салонен во Финска. Потоа следеа уште бројни поглавја за коишто се зборува до денес. Групата Б сепак мораше да биде укината, поради опасностите што произлегуваа од таа луда трка.
Токму врз тие времиња се потпира и имиџот на денешниот Пежо 208 ГТИ, којшто умее сé исто толку добро како претходниците, меѓутоа со погон на струја.
















