за

Peel P 50: Култот на најмалечкиот автомобил на светот

Британците ја произведуваа оваа „моторизирана количка за супермаркет“ во 1960-те години. Зачуваните примероци денес вредат и преку 100.000 евра. Двајца ентузијасти решија да го вратат P 50 во живот.

Уште во времето на Астерикс и Обеликс се знаеше дека Британците се „подоткачени“. Единствено тие можеа да дојдат на идеја да произведуваат автомобилче што е најблиску до моторизирана количка за супермаркет. Назад на возилото има рачка со којашто тоа може лесно да се паркира и отпаркира. Едноседот Peel P 50 тежи околу 60 килограми, а двоседот со име Trident е малку потежок со 90-те килограми. Затоа и не претставува проблем тоа што возилото воопшто не поседува рикверц. Благодарение на ниската тежина, овој спој на возило од цртаната филмска серија „Џетсонс“ и BMW Isetta може лесно да се паркира, па дури и да се качи до станот.

Peel P 50 уште го држи гинисовиот рекорд за најмал сериски автомобил на светот, со должина од 1,35 метар и ширина од 99 сантиметри. Со мотор од мопед со силина од 4,2 КС, Peelдостигнува пристојна брзина од 70 km/h. Микромобилот се произведуваше меѓу 1962 и 1969 година, на британскиот остров Ман, а потоа производителот се префрли на чамци. Цената на P 50 изнесуваше 199 фунти, што би одговарало на денешни 1.100 евра.

Покрај стандардниот P 50, Peel го произведуваше и двоседот Trident, со оригинален изглед со полукружната стаклена купола, како заштита од британскиот дожд. На сонце им стануваше мошне жешко на патниците под големата стаклена кулола. Од обичниот модел се произведени 120 примероци, од кои што денес се останати околу триесетина, додека од Trident е изработена серија од само 48 примероци, па соодветно е мал и бројот на „преживеани“ примероци. Ентузијастите се расположени да одвојат астрономски цени за овие необични возила. Еден добро сочуван примерок неодамна достигна цена од неверојатни 150.000 евра. Рекордот го држи примерок продаден за преку 250.000 евра.

Имајќи ги во предвид високите цени за Peel, но и опстанатиот култ за овие возила, двајца претприемачи од Лондон ги вратија P 50 и Trident во производство. Каросеријата е непроменета, извршени се модификации само во светлата и трепкачите, коишто се заменети со помодерни. Моторот исто така потекнува од актуелна продукција. Станува збор за едноцилиндарски четиритактен мотор со зафатнина од 49 сантиметри кубни и моќност од 4 КС. Дополнително е достапна и верзија со електричен погон, којашто со максималните 16 km/h, според британските сообраќајни закони смее да се движи и по тротоар на патот до супермаркетот.

Според производителот, микромобилите имаат добиено европска хомологација и можат да се регистрираат како квадрицикли – под услов да се има доволно пари. Нов Peel P 50 чини најмалку 11.999 фунти, односно 14.500 евра. Тоа изгледа премногу за автомобил со големина на количка за супермаркет, но покрај исклучително високите цени за оригиналните примероци од 1960-те години, понудата звучи можне прифатливо. За испорака се чека меѓу шест и осум недели.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren P1 GTR за најексклузивниот клуб на возачи во светот

Ерик Зигел со победничката буба-пикап на 10-годишнината на „Турата на сонцето“

Тура на сонцето: Најголемиот собир на „буба“ во Европа