за

McLaren P1 GTR за најексклузивниот клуб на возачи во светот

Пред 20 години McLaren започна со тестирање на F1 GTR за претстојната сезона во GT-шампионатот. F1 беше супериорен на трките. Денес, историјата се повторува, со P1 GTR.

Речиси е неверојатно дека се изминати полни две децении од првото појавување на McLaren P1 GTR. Овој тркачки болид во GT-шампионатот на времето остави толку силен белег што не избледува ниту во втората декада од следниот милениум. Британските специјалисти за брзини и тркачки патеки сепак се подготвени да го напишат следното поглавје во историјата на мотоспортот, со верзијата GTR од новиот P1. На приватен настан во рамките на собирот на олдтајмери и ексклузнивни актуелни модели во калифорнискиот Пебл Бич, синоќа беше претставен концептот McLaren P1 GTR, којшто за помалку од една година и официјално ќе се појави на тркачките патеки.

Како што тврдат во McLaren, за P1 GTR важат само стандардите за тркачка патека, без потреба од какво било почитување на хомологациските правила за пуштање во редовен сообраќај: „McLaren P1 GTR е најтркачкиот и најмоќен модел што досега е произведен од McLaren Special Operations, со јасно фокусирање кон целта – тој да биде најдобар автомобил на тркачките патеки.“ Покрај оптимизација на аеродинамиката во споредба со „стандардниот“ P1, верзијата GTR вози со тркачки слик-гуми, со фиксирано растојание од подлогата и со зголемена моќност, постигната преку примена на технологија од болидите во формула 1.

Предната оска има за 80 милиметри поширока трага и комбинирана е со поагресивен сплитер, за воздухот уште посилно да притиска врз неа. Отворите на каналите за снабдување на ладилникот со студен воздух се поголеми, а активните аеродинамични крилца од P1 се преземени и кај тркачот. Во крилата се поставени дополнителни спојлери што го спречуваат вртложењето на воздухот од тркалата. Назад исто така е додаден страничен панел што спроведува дополнителен воздух за задниот ладилник и во исто време произведува поголем потисок врз задните тркала.

Неизоставен дел е каналот за воздух во покривот, во стил на легендарниот McLaren F1. Ретровизорите се преместени од крилата на предните столбови, за да бидат поблиску до видното поле на возачот и заради намалување на отпорот на воздухот. Возилото „лежи“ на бандажи од 19 инчи, со гуми од 10,5 инчи напред и 13 инчи назад, со централна завртка, а вградените пневматски дигалки во стилот на McLaren 650S GT3 придонесуваат за брза замена на гумите за време на трка.

Назад се наоѓа впечатлив дводелен спојлер, поставен на карбонски носачи, со непроменлива висина и опремен со хидрауличен систем за намалување на потисокот на воздухот при забрзување. Спојлерот се координира со активните аеродинамични крилца во предните крила, за да обезбеди оптимален потисок во свијоците. Под задниот спојлер е видлив централно поставениот издув, конструиран специјално за GTR и изработен од инконел и титаниум, за натамошно оптимизирање на моќноста на 3,8-литарскиот твин-турбо V8, а секако и на звукот, на когошто се особено горди во McLaren. Концептниот автомобил од Пебл Бич е лакиран во стил на McLaren F1 GTR, во препознатливата комбинација од портокалова и сребрена боја, исто како на победничкиот примерок од 24 часа Леман во 1995 година.

Заедно со претставувањето на концептот на идниот тркачки болид, McLaren стартуваше и со ексклузивната возачка програма, во којашто идните возачина P1 GTR ќе добијат специјален возачки тренинг и пристап до тркачкиот симулатор на McLaren, со цел секој возач ментално и физички да се подготви за целосно искористување на потенцијалите на P1 GTR. Според McLaren, оваа возачка програма се вбројува меѓу најексклузивните клубови на сопственици во светот. McLaren Special Operations ќе ги одржува и сервисира сите возила и ќе ја менаџира целата програма, вклучувајќи консултации со експертите на McLaren коишто во своето портфолио имаат обучувано шампиони во формула 1. Сето тоа е во насока на реализација на целта, да се „произведат“ најдобрите возачи за најдобриот GT-тркач во моментов.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Боксер моторите се загрозен вид – што нема да изумре

Peel P 50: Култот на најмалечкиот автомобил на светот