
Опел денес ги нуди Астра и нејзината комби изведба Астра Спортс Турер како спортско-елегантни, технолошки напредни модели, што покриваат најширок круг купувачи и распон на барања од еден автомобил. Германската марка на концернот Стелантис кај Астра го нуди и најширокиот избор од видови погон. Тоа му успеа на уште еден славен модел на Опел од 1930-те години, на Олимпија.
Електрификацијата во погонот е присутна и во најдостапната форма, како 48-волтен благ хибрид, и како приклучен хибрид што секојдневната тура со автомобил може да ја мине целосно на струја, па сé до целосно електрична Астра. На сето тоа следи и класичен турбо-бензинец без електрификација.
Сличен ваков опис за разновидноста од варијанти и за нивната достапност ќе важеше и за Опел Олимпија, пуштена во производство во 1935 година. Пред точно 90 години, Тип Олимпија ги постави темелите на современото производство на автомобили, со покусо време и со помалку трошоци за производство.
Опел Олимпија е првиот германски модел од големосериско производство, со самоносечка каросерија во целост од челична ламарина. Тој воведе еден принцип што се применува сé до денес во целата индустрија, односно тоа е т.н. венчавка, соединувањето на каросеријата со платформата.

Револуција со високи перформанси и примерна штедливост, благодарение на новата конструкција
Годината 1935 година почна со суперлатив за автомобилскиот свет. Опел една година пред одржувањето на Олимписките Игри, на салонот во Берлин ја претстави „Тип Олимпија“ 1,3 литар. Производството почна во април. Прво се произведуваше кабрио-лимузина, а потоа следеше и класичната изведба со целосно метален покрив.
Покрај тоа што Олимпија по неколку години стана прв автомобил што со цепелин го прелета Атлантикот до Јужна Америка, главната посебност на Опел Олимпија е во тоа што беше прв германски автомобил со целосно челична самоносечна каросерија од големосериско производство. Опел го патентираше тоа и оттогаш наплаќа за користење на патентот.
Опишано најопипливо, каросеријата и шасијата се соединети во самоносечна структура, исто како елементи на авион. Овој технички концепт беше револуција во автомобилското производство. Бројни се предностите на тогаш револуционерната, а денес стандардна конструкција.
Металниot скелет на самоносечката каросерија се состои од профилни носачи, коишто исто како кај авионите се соединети меѓусебно и на тој начин се смалува тежината. Со 835 килограми, Олимпија тежеше 135 килограми помалку од нејзината претходничка со слична моќност, којашто користеше шасија. Со иста моќност, Олимпија беше и побрза и поштедлива.
Тоа направи Опел Олимпија да биде една од најштедливите лимузини во класа, но и најбрза. Моторот од 1,3 литар со 24 КС, го забрзуваше возилото до 95 км/ч. Потрошувачката изнесуваше 9,5 литри на сто километри.
Меѓу останатите новитети, тежиштето беше за 15 сантиметри пониско во споредба со стариот Опел 1,3 Литар. За стабилност и сигурно чувство се грижеше и комфорната амортизација Опел-Синхрон. Риселсхајм го рекламираше својот модел: „ Дури и со висока брзина може да се влезе во свијок, Олимпија е сигурна во свијоците.“
Со меѓуоскино растојание од 2,37 метри и вкупна должина од 3,95 метри, Олимпија беше и многу подвижна. Специјализираниот магазин Мотор унд Шпорт, тогаш објави: „Перформансите се мошне примерни за возило од 1,3 литар и на возачот му овозможуваат да постигне завидна просечна брзина при патување.“

Новата конструкција донесе повисока безбедност и комфор
Олимпија беше совршена лимузина за патување во 1930-те години поради примерната моќност и стабилноста, но и внатрешноста нудеше квалитети. „Постсавените седишта се обложени со корд, потпирачите за грб на предните седишта се соборуваат нанапред, задните седишта се широки и длабоки, со што се добива слобода за движење во сите правци и не се чувствува вкочанетост,“ порачуваше производителот.
Конструкцијата со самоносечна карсоерија „од еден лив“ нудеше и висока безбедност за патниците. Челичниот покрив обезбедуваше дополнителна цврстина, а предниот профил во форма на вилушка имаше предвидено место да се деформира во случај на судир и да ја преземе силината на судирот – тоа беше предводничка на денешната зона на гмечење што секој автомобил мора да ја има. Олимпија имаше и поубав изглед, затоа што светлата кај неа првпат беа вградени во каросеријата.
Стартен знак за современото производство на автомобили
Уште еден патент на Опел со овој модел е спомнатата „венчавка“. Целосно монтираните оски и моторите повеќе не се прицврстуваа на шасиојата, туку преку хидраулични дигалки се подигнуваа до каросериите што висеа на транспортни ланци над производствената лента. Тоа овозможи производството да биде покусо и поевтино.
Секако дека главната корист од тоа ја имаа купувачите. Олимпија со две врати и кабриолетот почнуваа од 2.500 марки. Претходникот, Опел 1,3 Литар, беше поскап за 350 марки.
Како резултат од сите овие зафати, Опел со Олимпија стана прв германски производител што надмина годишна продукција од 100.000 возила.















