Менаџерите на Opel деновиве се релаксирани околу можните последици од дизел-аферата. Според новиот сопственик PSA, одговорноста паѓа на претходникот, General Motors
Германскиот производител Opel нема да потроши ниту евроцент, доколку судовите донесат одлука за отштета на сопствениците на возилата со дизел мотор. Трошоците ќе мора да ги покрие претходниот сопственик на Opel, американскиот General Motors.
Автомобилската марка, којашто во август 2017 беше преземена од францускиот концерн PSA, смета дека претходниот сопственик е одговорен за секакви манипулации околу пречистувањето на издувните гасови. Во продажниот договор е утрдено дека Американците се одговорни за сите автомобили што биле развиени под нивно владеење.
Истрагата во Opel официјално започна во понеделникот, кога истражните органи на Државното Обвинителство во Франкфурт влегоа во деловните простории на производителот во Риселсхајм и Кајзерслаутерн заради претрес. Сојузната служба за моторен сообраќај поднесе пријава, поради „сомневање за измама, поради пуштање во сообраќај на дизел возила со манипулиран софтвер за издувните гасови“.
Конкретно станува збор за четири моделски серии, со мотори што ја задоволуваат нормата Еуро 6. Евентуалниот сервисен повик ќе опфати близу 100.000 возила. Opel и натаму порекнува дека вградувал недозволени уреди за контрола на издувните гасови постарите дизел мотори. Производителот ќе се брани против таквите обвинувања.