за

Opel Monza Concept: Овој Opel погодува силно како молња

Концептот Monza не е само обична вежба на дизајнерите на марката со молњата, туку е целосна пресвртница што го покажува правецот во кој ќе се развива марката во иднина.

Колку е различна Monza Concept се покажува уште при седнувањето, и тоа не се однесува само на широките крилести врати што се отвораат нагоре. Место седиштето, возачот тука ги дотерува педалите и воланот. Главниот извор на погогонска сила доаѓа од електромоторот, кој добива поддршка од трицилиндарски мотор со погон на земјен гас, преземен од Opel Adam. Моторот служи само како генератор за полнење на батериите и за напојување на електромоторот. Тоа е погонска техника што во меѓувреме е достапна во повеќе модели на мајката General Motors.

Вистинската револуција во овој автомобил се случува околу возачот. Внатрешноста на четириседот долг 4,69 метри покажува во кој правец ќе продолжи возењето во Opel. Целата командна табла пред возачот е всушност еден огромен дисплеј, чиј што приказ се мести по желба. Богатиот колорит на дисплејот доаѓа од 18 проектори со светлечки диоди. Ракувањето со него е крајно поедноставено. Возачот има три прекинувачи за избор на претходно конфигурираниот приказ на дисплејот: „Me“, „Us“ и „All“.

Првата конфигурација е наменета за возачот. Во тој случај се прикажуваат само податоците за возењето, како брзината и вртежите, а по желба и информациите за навигацијата. Може да се избира дали брзиномерот ќе изгледа во стилот на 1950-те години, со лента, или како класичен тркалезен инструмент.

Другите два модуса продолжуваат во истиот стил. Во модусот „Us“ патниците командуваат со кокпит-киното преку двата iPads што се наоѓаат меѓу задните седишта. Преку последниот модус се пристапува во социјалните мрежи. Кога возачот преку интернет ќе го внесе одредиштето за навигацијата, може да се пријавуваат и други сопатници. Ако се пријават такви, возачот добива информација каде се наоѓаат тие и запира да ги прими во возилото. Тука станува збор за нова форма на заедничкото користење на автомобилите, жаргонски Car-Sharing.

При сите можности за конфигурирање на дисплејот, еден елемент останува непроменлив. Стрелката со натпис Monza во средишниот дисплеј не се движи, туку се движат приказите околу неа. Изумителот на хелиоцентричниот приказ на светот, Николаус Коперникус, би се израдувал од овој концепт.

Секако дека и во дизајнот на каросеријата има радикални чекори. Monza Concept е спој на шутинг брејк и купе, кого дизајнерите го нарекуваат Sportbrake. Според овој дизајн во иднина ќе се раководат сите нови модели на Opel и со тоа ќе се избегнат повремените испади, како на пример со моделот Tigra. Дали од концептот Monza ќе произлезе сериски автомобил, стратезите во Opel уште не откриваат. Но, слабоста на Opel кон купеата е позната.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мебел за автомобилски вљубеници

Продажбата во Азија му донесе рекорден септември на Mercedes