Опел и во првото полугодие продолжи да се движи кон местото што традиционално му припаѓа на пазарот. Од јануари до јуни, Опел и британската сестринска марка Воксхол, испорачаа околу 313.000 возила на пазарите ширум светот.
Посебно се издвојува продажбата на патничките возила, со раст од преку 7 проценти во првите шест месеци од годината. Најголемата промена кај германската и британската марка, сепак се огледува во начинот на соопштување на податоците од продажбата.
Додека порано се подразбираше дека продажбата се однесува главно на пазарот во Европа, откако Опел стана поактивен на пазарите надвор од регионот, во извештајот се издвоени посебно пазарот во Европа и пазарите надвор од регионот.
Во поширокиот европски регион, Опел и Воксхол во првото полугодие испорачаа 231.000 возила и со тоа напредуваа за 11,8 проценти во споредба со истиот период лани. Порасна и пазарниот удел на 3 проценти.
Најголема побарувачка има за најновите модели во понудата на Опел. СУВ-семејството што го сочинуваат Грандленд, Фронтера и Мока, продолжува да привлекува купувачи и постигна продажба што е за 37 проценти над првото полугодие лани.
Се издвојува Воксхол Фронтера, што е втор најпродаван модел во Б-СУВ сегментот во Британија. Меѓу електричните возила, пак, Фронтера освои 16 проценти од Б-СУВ сегментот и со тоа е на првото место.
Корса е траен успех и продолжува да го сочинува јадрото на Опел. Таа секако се продава одлично и под британскиот Воксхол, со пазарен удел од преку 13 проценти и прво место во градската класа.
Во Германија одамна е обезбедено првото место на Опел Корса во сегментот. Таа продолжи да освојува и достигна удел од 17,2 проценти во првото полугодие. Во споредба со истиот период лани, уделот се зголеми за 1,1 процентен бод.
Домашниот пазар одигра значајна улога за општиот напредок на продажбата на Опел. Со 15 проценти во плус, Опел го продолжи пробивот кон старите позиции и постигна удел од пет проценти, збирно од патничките и доставните возила.
Производителот напоменува на посебното место што го ужива Астра Спортс Турер Електрик, како еден од ретките комби-модели со електричен погон и воедно водечки во тој сегмент, во конкуренција на традиционалните производители.
Опел Фронтера Хибрид · Тест · Тука повеќе добивка има купувачот, отколку производителот
















