Во последните 32 години, дневно во просек се продавале повеќе од 1.000 примероци од Opel Corsa. Конкуренцијата ќе се радуваше Corsa да не постои, но таа не се дава. Доаѓа петтата генерација на моделот.
За нешто повеќе од 30 години, во светот се продадени 12,3 милиони примероци од четирите генерации на Opel Corsa. Таа е најпродавана моделска серија на марката со молња во маската, заедно со Astra. Една четвртина од продажбата на Opel секоја година отпаѓа на овој автомобил со звучно име. Според актуелната продажба на западноевропскиот пазар, Corsa е на четвртото место во класата на градските автомобили. Тоа е сепак премалку за овој модел. За Corsa да се врати на водечките позиции во продажбата, кон крајот на годинава, од матичните фабрики во Ајзенах и Сарагоса ќе почне да излегува новата, петта генерација на Opel Corsa.
Новата Corsa доаѓа со свеж изглед во стилот на Opel Adam, со ново подвозје вклучувајќи многу попрецизно управување за подобро чувство во возењето, со широк дијапазон на можности за поврзување со мобилен телефон и други преносни уреди, и како што наведуваат во Opel, со одлична противвредност. Освежувањето го комплетираат бензинци со турбонатполнење од новата генерација мотори и темелно преработени турбодизели. Opel веќе ги објави и цените на Corsa E за германскиот пазар. Основната верзија со три врати и бензинец од 1,2 литар со 75 КС, во Германија чини 11.980 евра, односно 750 евра повеќе за верзијата со пет врати.
„Симпатичниот изглед и ефикасното искористување на просторот досега ни донесоа многу пофалби за Corsa. Убеден сум дека петтата генерација ќе го продолжи овој успех, првенствено благодарение на врвниот комфор и модерните системи за асистенција и забава. Ветувам дека секој ќе биде изненаден од чувството во возењето на новата Corsa.“
Карл-Томас Нојман, шеф на групацијата Opel
Ново подвозје и ново управување за висока стабилност во возењето
Новото подвозје на Corsa е развивано од темел и нема ниту една заедничка компонента со претходникот. Тежиштето на целото возило е спуштено за пет милиметри. Покрутата помошна рамка и новата геометрија на предната оска придонесуваат за зголемување на стабилноста, за подобрено држење правец, за поголема управливост и намалено подуправување. Сето тоа треба да ѝ обезбеди на петтата генерација на Corsa да комбинира висока стабилност во возењето и комфорно амортизирање на нерамнините во подлогата. Новото електрично сервоуправување со прогресивна асистенција, благодарение на новата геометрија и новото калибрирање на софтверот дава попрецизна повратна информација во управувањето и подобрена стабилност во свијоци и на правец.
Модерен трицилиндарец и нови менувач за поголемо уживање за возачот
Ѕвезда под хаубата на новата Opel Corsa е комплетно новиот трицилиндарски мотор со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, којшто неодамна дебитираше во Opel Adam. Еднолитарскиот Ecotec со алуминиумска конструкција и единствен во сегментот со балансирачко вратило се нуди во две верзии на моќност, со 90 и со 115 КС, обете чисти според Euro 6 и со просечна потрошувачка од само 4,3 литри кај послабата верзија. За солидно повлекување при ниски вртежи се грижи раното будење на турбината, со 170 Nm при 1.800 вртежи.
Понудата од погонски единици ја дополнуваат познатите четирицилиндарци со зафатнина од 1,2 и 1,4 литар. Нова е 1,4-литарската верзија со турбонатполнење, со 100 КС и вртежен момент од 200 Nm при 1.800 вртежи. Дизелот од 1,3 литар е целосно преработен заради исполнување на нормата Euro 6 и се нуди во верзии со 75 и 95 КС, со просечна потрошувачка од 3,2 литри во посилната изведба.
http://youtu.be/6CSb1PqXbY0
Големо освежување во погонската спрега се менувачите од новата генерација. Турбобензинците се комбинирани со шестстепен мануелен менувач со компактни димензии, намалено внатрешно триење и прецизни и лесни одови. Со доплата е достапен и автоматикот со шест степени, којшто досега се вградуваше само во поголемите модели на Opel, како и роботизираниот Easutronic од третата генерација. Последниов се вградува во верзијата на Corsa со 1,4-литарски бензинец со 90 КС и наменет е за купувачите што бараат поголем комфор во возењето, но автоматикот им е прескап.
Ентериерот се покажува во попрефинето светло во споредба со претходната генерација, со поквалитетни материјали и повисок квалитет на изработка. Со доплата се добива мултимедискиот систем IntelliLink, со колор дисплеј на допир и со пречник од 18 сантиметри, сместен во средината на арматурната табла. Системот овозможува едноставно и брзо поврзување со паметни телефони, со поддршка за апликации, како BringGo за навигација или Stitcher и Tune-In за прием на радио станица од кој било дел во светот. Секако тука се и говорната команда Siri Eyes Free, за диктирање SMS или читање електронска пошта.
Напредни системи за асистенција го зголемуваат нивото на комфор и безбедност
Новата Corsa е стандардно опремена со сервоуправување со дополнителен градски модус, за лесно вртење на воланот при маневрирање и возење во град, како и помош при поаѓање на нагорнина, којшто го задржува возилото до две секунди во место. Повеќе системи што досега беа достапни само за повисоките класи се нудат во петтата генерација на Corsa: Самостојно паралелно и попречно паркирање преку притискање копче на воланот, ултразвучни сензори за надгледување на мртвите агли зад возилото, како и звучно предупредување при опасност од судир. Со доплата се достапни и биксенонски светла.

















Доста информативна статијава. Браво за авторот!