Opel Adam Rocks: Важно е да изгледа како теренец

Opel не може да погреши со „теренската“ верзија на Adam. Стандардниот модел досега се продаде во преку 100.000 примероци

Opel постигна вистински погодок со Adam. Градското мини се продава одлично низ цела Европа. Марката со молњата сега ја додаде верзијата Rocks, којашто би требало да ја привлече и машката публика.

Кросоверите се барана стока во моментов и марките што немаат соодветен модел во барем неколку сегменти во понудата се надвор од игра. Токму поради тоа, марката со молњата го претвори своето градско мини Adam во Rocks. Овој спој од мини кабриолет и мини теренец, според Opel е „првиот мини кросовер во класата до четири метри“. Без разлика како ќе се нарече Adam Rocks, најважното обележје на мини „карпата“ е неговиот стил на теренско возило, на когошто долго време работеа дизајнерите.

За стилот на малечкиот кросовер, дизајнерите се раководеа според паркур-спортистите. Тоа се оние момци што со неверојатна брзина и умешност скокаат преку огради, се качуваат по фасади или летаат од покрив на покрив. За овој опасен спорт се неопходни протектори. Во дизајнот на Rocks, овие елементи се препознаваат во рамките во форма на бумеранг околу трепкачите, задните светла и задната магленка. Страничната заштита секако дека не смее да недостига, околу арките на крилата и под праговите. Целината изгледа пристојно и во комбинација со подигнатата каросерија му дава поубедлив мускулест тон во споредба со стандардните верзии Jam, Glam и Slam. Покрај тоа, Rocks стандардно доаѓа со бандажи од 17 инчи, а може да се доплати и за уште поголеми бандажи од 18 инчи.

Основната верзија на Adam Rocks вози со 1,2-литарец со 70 КС, по кого што следува 1,4-литарскиот бензинец со 87 или 100 КС. Opel е најмногу горд на новиот трицилиндарец од еден литар, којшто со турбонатполнење и директно впрскување на горивото постигнува 90, односно 115 КС. Покрај фактот што ја исполнува идната норма Euro 6, новиот мотор се одликува и со моќ на повлекување, којашто произлегува од 170-те њутнметри испорачани уште при 1.800 вртежи. Во комбинација со новиот мотор оди и шестстепен мануелен менувач од новата генерација, со попрецизни и полесни одови.
Соодветно на карактерот на кросовер, подвозјето е подигнато за 15 милиметри и комплетно е преработено и дотерано од ново за Adam Rocks, вклучувајќи и нова геометрија за задната оска. Целта на инженерите беше да обезбедат лесна управливост и комфорна амортизација, којашто нема да ги истресе патниците на првата подлабока дупка во асфалтот. Секако дека зголеменото растојание од подлогата и дотерувањето на каросеријата во стил на теренец не се доволни за Adam да се претвори во дивокоза, но за излети блиску до асфалтот е сосема доволно.

http://youtu.be/dPex6vJS28I

По пример на Fiat 500C и Citroën DS3 Cabrio, германското мини има платнен покрив, којшто се собира над задните столбови и на патниците им обезбедува чувство како да се возат во кабриолет – или барем дел од тоа чувство. Платнениот покрив се отвора за само 5 секунди и го отвора погледот кон небото. Инженерите се погрижија покривот да добие врвна звучна изолација, што е постигнато со трислојната конструкција. Добро е што покривот е вклучен во цената од 15.990 евра за германскиот пазар. Купувачите имаат на избор дури 17 бои на каросеријата, коишто може да се комбинираат со шест тонови на платнениот покрив.

Стандардната опременост е доста богата и вклучува клима уред, радио и копче за поголема поддршка на сервото при управување и паркирање во град. На располагање стојат повеќе дизајнерски пакети. Со доплата од 300 евра се добива мултимедискиот систем Intellilink, за поврзување со паметен телефон. Opel со право се надева дека Adam Rocks ќе постигне успех на пазарот. Од стартот на продажбата, Adam постигна преку 100.000 примероци. Не изненадува фактот дека повеќето од купувачите се дами. Тоа што треба да ја загрижи конкуренцијата е податокот дека 50 проценти од сопствениците на Adam претходно возеле автомобил од друга марка.

Претходна објаваPeugeot 308 GT: Автомобилот на годината во спортско издание
Следна објаваOpel ќе претстави автономни возила веќе во 2016 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here