за

Peugeot 308 GT: Автомобилот на годината во спортско издание

Французите немаат намера да се впуштаат во беспоштедната трка со КС во компакт класата и нудат разумен спортски модел од 308

Французите го наградија својот компакт за одличните продажни резултати со воведување на спортската варијанта GT. Бензинецот ќе вози со 205, дизелот со 180 КС.

Peugeot ги воведе спортските модели GT во гамата на својот компакт 308. Новите верзии се 308 GT 205 и 308 GT 180, првата со 1,6-литарски турбобензинец со 205 КС и шестстепен мануелен менувач, втората со дволитарски BlueHDI со 180 КС, засега само во комбинација во автоматик со шест степени. Спортските верзии на 308 се препознатливи по трите хоризонтални лајсни во маската, коишто би требало да потсеќаат на лавовска шепа, како и по сериските диодни светла со 62 светлечки диоди. Моделите GT ќе бидат препознатливи и по трепкачите, коишто светат динамично, однатре кон надвор, нагласувајќи ја напредната технологија во компактот на Peugeot.

Меѓу надворешните белези на 308 GT спаѓаат и двата дополнителни отвора за воздух во предниот браник, црните ретровизори, затемнетите задни прозорци, бандажите од 18 инчи со гуми Michelin Pilot Sport 3, како и страничните прагови. Бандажите се изведени во две бои и имаат издлабени краци со шара по нивната површина. Назад се наоѓа класичен дифузор со двоцевен издув и задолжителна ознака GT, којашто се среќава уште во предните крила и на маската. Во палетата на бои е вклучена и ексклузивната „магнетско сина“, којашто беше резервирана за тркачките болиди на Peugeot во минатото. Подвозјето напред е спуштено за 7 милиметри, а назад за 10 милиметри.

Спортската атмосфера во кокпитот ја создаваат таванот и облогите во црна боја, во комбинација со црвени штепови на седиштата, коишто се обложени со вештачка кожа и алкантара во стандардната изведба. Црвените штепови се присутни и во арматураната табла, во вратите, на менувачот и на патосниците. Како заокружување на спортскиот настап доаѓаат спортски педали од алуминиум и челични плочки на праговите. Како заднина на инструментите служи шаховско знаме. При давање контакт, возачот го поздравуваат буквите GT во дисплејот на патниот компјутер.

Со бензинскиот мотор со директно впрскување на горивото и турбонатполнење, Peugeot 308 GT 205 спринтува до 100 за 7,5 секунди. Дополнително, овој мотор со 205 КС поседува и променлив од на вшмукувачките вентили, во комбинација со варијабилна работа на обете брегасти вратила. Во сосема пристојно светло се претставува и дволитарскиот дизел со 180 КС и 400 њутнметри. Неговата силина најдобро ја оддава вредноста од 5,5 секунди за меѓузабрзување од 80 до 120 km/h во петтиот степен. Освен за стандардната комбилимузина со пет врати, моделската изведба GT е достапна и за комбито 308 SW. Премиерата на 308 GT е на салонот во Париз во следниот месец.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes ќе ја проширува фабриката во Алабама

Opel Adam Rocks: Важно е да изгледа како теренец