Opel ќе се спасува преку враќање на марката Wartburg

Идниот автомобил на реинкарнираниот Wartburg ќе ги следи линиите на тајниот модел „Маска“

Плановите на Opel за зголемување на продажбата преку враќање во живот на евтината марка Wartburg требаше да останат во тајност до салонот во Франкфурт. Automedia ги има ексклузивните детали.

Веќе подолго време Opel работи на воведување на нова марка, со којашто ќе ја врати продажбата на некогашното ниво и воедно ќе се одбрани од ударот од евтината марка на Renault, романската Dacia. Овие планови требаше да останат во тајност до септември, односно до салонот во Франкфурт, кадешто Opel ќе ја објави сензационалната новост, враќањето на легендарната источногерманска марка Wartburg.

Пазарот ги сака старите имиња, како што се покажа неодамна со најавата за враќање во живот на германската марка Borgward на салонот во Женева. Очигледно дека и Opel го има истиот став. Блиските врски меѓу Opel и Wartburg се очигледни. Некогашната фабрика на Wartburg во Ајзенах потпиша договор за соработка со Opel во март 1990, а две години подоцна започна и производството на автомобили за марката од Риселсхајм. Старо-новата марка Wartburg ќе го следи примерот на Dacia и освен на некогашните пазари ќе освојува и пошироко на светскиот пазар.

Властите го забраниле прогресивниот модел на Wartburg: Им изгледал како автомобил за плејбои

Првиот модел од новата генерација со знак на Wartburg ќе биде претставен наскоро. Тоа ексклузивно го потврди Примо Априлијан, некогашен инженер во Wartburg. Овој ценет експерт кон крајот на 1960-те години работел на тајниот проект под кодното име „Маска“, односно на автомобил со купеовска форма на каросеријата и со две врати. Но, тогашните власти забраниле продолжување со развојот, оценувајќи дека тоа е „автомобил за плејбои“. Според Априлијан, Opel се одушевил од конструкциските планови за овој автомобил, којшто и денес изгледа модерно. Тој успеал да ги задржи плановите иако органите на државната безбедност биле во потрага по истите, во намера плановите да се продадат на Volkswagen.

Возилото ќе мора да претрпи неколку помали измени во изгледот, како и да се актуелизира безбедносната техника, заради задоволување на стандардите за хомологација. Новиот Wartburg ќе има лимузинска каросерија со должина на Golf IV, а под хаубата ќе работи 1,4-литарскиот бензинец, којшто се вградуваше во Astra до 2013 година. Официјалното претставување на новиот модел пред јавноста ќе се случи на салонот во Франкфурт во септември, а продажбата ќе стартува веќе од 1-ви април следната година.

Претходна објаваRange Rover SVAutobiography нуди опција за седење на тераса
Следна објаваПрвоаприлските шеги на автомобилските марки

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here