
Повеќе луксузни марки се подготвуваат да го освојат пазарот на ексклузивни теренци во следните години. Range Rover SV Autobiography е автомобилот што ќе ги поздрави за „добредојде“.
Land Rover ќе го претстави Range Rover SVAutobiography на салонот во Њујорк во април, полуксузен, со пософистициран изглед и посилен од кога било досега во 45-годишната историја на моделот. Ексклузивниот модел е дело на одделението за специјални возила SVO и за првпат е достапен со петлитарски мотор V8 со компресорско натполнење и 550 КС. Купувачите ќе можат да нарачаат и изведба со стандардно или продолжено меѓуоскино растојание.
Range Rover подготвен ги чека луксузните теренци од Maserati, Bentley & Co
Новитет е можноста каросеријата да биде лакирана во две бои: Горната половина од каросеријата во санторини црна, а долната половина во некоја од деветте понудени бои. За маската со уникатен дизајн се користени полиран хром и впечатлива графитна боја, што прави ексклузивниот модел да биде уште попрепознатлив. Моќноста од 550 КС исто така се познава по четирите издувни цевки кај моделот со V8 со механички компресор.

Повеќето од прекинувачите и командите во кокпитот се изработени од цели парчиња алуминиум, вклучувајќи го копчето старт-стоп и прекинувачите за климатизацијата, исто како и педалите. Педантната изработка продолжува сé до новодизајнираните потпирачи за рака и до конзолата за патниците на задната клупа. Токму таму најчесто седат сопствениците на ексклузивниот SVAutobiography. На располагање стојат ладилник, масички што се спуштаат со електромотор и мохер патосници, па сé до алуминиумски маски на шините на седиштата. Има и детали како кожена футрола за прирачникот за возилото или специјално изработен и полиран клуч од возилото со натпис Autobiography.
Новитет во практичноста е можноста за лизгање на подот на багажникот. Подот е изработен рачно од алуминиум и се извлекува наназад, заради полесно товарање. За купувачите што сакаат да ја искористат практичноста на дводелниот заден капак SVO им изработи „седишта за настани“. Овие седишта се склопени под подот и можат да се извлечат врз долната половина од задниот капак, за на нив да седнат двајца возрасни патници. Секако, седиштата се изработени рачно од виндзор-кожа и лизгаат на алуминиумска рамка.
Како замена за Autobiography Black, SVAutobiography може да се нарача во верзија со петлитарскиот V8 со 550 КС, преземен од Range Rover Sport SVR, но повторно поддотеран за знаменосецот. Во споредба со стандардниот V8, овој мотор располага со плус од 40 КС и 55 њутнметри. Автоматскиот менувач е производ на ZF и располага со осум степени на пренос. Повеќе мотори се достапни за „автобиографското“ издание: TDV6, SDV6 Hybrid, SDV8 и SCV6 со механички компресор, со подобрени перформанси и ефикасност за новото моделско годиште. Верзиите со дизелски мотор за првпат ќе бидат достапни и на пазарот во Северна Америка.















