Некои производители имаат традиција да се пошегуваат на денот на смеата и објавуваат соопштенија коишто изгледаат премногу добри да бидат вистинити. Што смислија автомобилџиите за 1-ви април?
Понекогаш е тешко човек да поверува. Дали навистина постои машина за еспресо во Fiat? Во возачката врата на Skoda Superb има посебна преграда за сместување на чадорот? Toyota воведува седумцифрени бројчаници за километражата? Вистината: Само последниот пример е првоаприлска шега. Toyota денес објави соопштение со наслов „Милионска издржливост – Toyota воведува седумцифрен бројчаник за километража“. Во соопштението, јапонскиот производител наведува дека автомобилите стануваат сé постари, а од тоа произлегуваат и сé повисоки километражи кај автомобилите на патиштата.
Новите бројчаници ќе рестартираат дури при 9.999.999 место како досега при 999.999 километри. Според соопштението, „во постарите модели на Toyota може бесплатно да се вгради седумцифрениот бројчаник на километражата, без разлика дали се работи за механичка или дигитална изведба.“
Во Suzuki исто така беа духовити за 1-ви април: „Suzuki ви нуди стакла со диоптрија за Вашиот автомобил.“ Со овој абсолутен светски новитет во подрачјето на автомобилските стакла повеќе нема потреба да се носат очила при возењето. Купувачите на Suzuki од летово ќе имаат можност да ги сменат автомобилските стакла соодветно на нивниот диоптер. Место обичните стакла ќе се вградуваат брусени стакла со соодветен диоптер на сите прозорци во возилото, како и во ретровизорите. „При купувањето нов автомобил, јапонскиот производител во иднина ќе Ви обезбеди и оптичар“, се шегуваат во Suzuki.

За денот на смеата не останаа куси ниту од Mini. Нивната денешна објава гласеше: „Блескава појава: Новиот Mini со хромирана каросерија делукс“. Купувачите можат да изберат целата каросерија да биде прекриена со хромиран лак, место само рамките околу светлата, маската и други ситни детали на каросеријата. Производителот препорачува да се користат очила за сонце при фотографирањето на автомобилот, поради „рефлексиите што не може физички да се контролираат.“

Nissan има првоаприлска идеја што можеби и не изгледа толку краткотрајно. Тие смислија копче за фитнесс, таканаречен Gym-Button. Тоа ја исклучува сервоподдршката на сервоуправувањето, педалите исто така стануваат „потешки“, а се зголемува и напорот за ракување со менувачот. На тој начин се трошат 1.415 калории дневно.
Во категоријата на абсолутен нонсенс спаѓа првоаприлската шега на еден американски дилер. На нивната интернет страница тие ја објавија веста за „првиот автомобил на надувување во светот,“ којшто се носи во актовка и се претвора во функционален автомобил.
Нашата вест за Opel и Wartburg, секако дека е првоаприлска шега.
















