за

Nissan стартува со продажба на акумулаторски системи за домовите

Nissan наскоро ќе биде присутен и во домовите, преку акумулаторските системи во коишто се сочувува енергијата добиена од сончевите колектори или од струјната мрежа за време на евтината тарифа. Во системите се користат стари батерии од електричните возила на Nissan.

Користа од електричниот погон во автомобилите ќе може да се почувствува и во домот. Стари батерии од електричните возила на Nissan, чијшто капацитет е намален под 80 проценти од првичниот и повеќе не може да се користат за погонот во автомобилот, наоѓаат примена како стационарни акумулатори за електрична енергија.

Nissan во соработка со компанијата Eaton ја нуди серијата производи xStorage Home, којашто се состои од шест акумулатори со различна големина. Овие акумулатори во почетокот ќе бидат достапни во продажба само во Велика Британија, Норвешка и Германија, но во следните месеци ќе се понудат и во останатите европски земји.

Батериите се полнат со енергија од сончевите колектори или на „евтина струја“

Користа од xStorage Home е најголема кога во домот има инсталирано фотоволтаички колектори коишто ја користат енергијата од сонцето и ја претвораат во електрична енергија, но батериите се корисни и за полнење енергија за време на евтината струјна тарифа, којашто потоа може да се користи во кое било време. Во некои земји, сопствениците на овие акумулатори ќе можат и да заработуваат од нив, кога по потреба ќе испорачуваат енергија назад во електродистрибутивната мрежа, на пример за време на врвните оптоварувања на мрежата.

Акумулатор со капацитет од 3,5 киловати чини околу 3.500 евра, додека за 6 kW се потребни 3.900 евра. Може да се нарачаат и акумулатори со нови батерии, коишто во тој случај чинат најмалку 5.000 евра и имаат гарантен период од десет години. Контролата со функциите на акумулаторот може да се врши и преку мобилна апликација.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шампионот во DTM го презеде новото службено BMW M4 Coupe

Toyota го планира наследникот на водородниот Mirai за 2020 година