Кинескиот старт-ап Nio ги забрза своите планови за освојување на светскиот пазар. Првите возила на електро-марката ќе бидат испорачани во Европа уште во втората половина од следната година. Претходно се најавуваше неодредено, дека Nio ќе пристигне во следните неколку години. Тоа е официјална изјава од шефот Вилијам Ли за новинската агенција Блумберг.
Електричните возила на Nio во почетокот ќе бидат достапни само во неколку европски држави – не е посочено кои се тие земји, но некои држави веќе се издвојуваат со напредокот, особено Норвешка, Холандија, Велика Британија, и секако Германија, кои сигурно ќе бидат на списокот.
Nio има посебна понуда, имајќи предвид дека батеријата е далеку најскапиот дел кај еден електричен автомобил. Клиентите ќе имаат можност да го купат возилото, но ќе плаќаат месечна рата за користењето на батеријата. Слична понуда веќе неколку години има и европскиот електро-шампион Renault, за купувачите на Zoe – наемот на батеријата чини околу 70 евра месечно.
Заедничка компанија со гигантот во производство на батерии CATL
Со опцијата за изнајмување на батеријата, цената на Nio ES6 се намалува за околу 8.500 долари, односно таа изнесува малку над 33.500 евра. Уште една можност што се предвидува за идните возачки и возачи е замената на старата батерија со нова, во смисла на замена со батерија со нова технологија, што ќе овозможи поголем досег или побрзо полнење.
За таа цел, Nio основаше заедничка компанија со гигантот во производството на батеерии CATL. На „сојузот“ му се се приклучуваат уште два моќни финансиери, како инвеститори. Секоја од четирите компании учествува со околу 25 милиони евра во заедничкиот бизнис.
>>> Колку се продаваат електричните модели на „непознатиот“ Nio?

















