Времето не е најпогодено да се зборува за „нај“ продажба, имајќи предвид дека браншата на четири тркала е погодена од кризата и дека постои неизвесност како пазарот ќе се развива понатаму по стивнувањето на пандемијата. Автомобили се продаваат, некој повеќе од друг.
Автомобилската бранша најмалку остана поштедена од корона-кризата. Производството повеќе не можеше да се организира, затоа што илјадници добавувачи испорачуваат делови за еден модел, па затоа и фабриките мируваа нешто подолго од еден месец. Секако, мораше одново да се организира и работењето, да се обезбеди заштита на вработените. На крај, иако тоа е најважната алка во целиот синџир, купувачите се почувствуваа несигурни за да вложуваат во нов автомобил.
Сето тоа доведе глобалната продажба во јуни да достигне 5,55 милиони возила, или 39% помалку од март лани. Пазарот досега не помни толкав пад, поголем дури и од светската финансиска криза во ноември 2008, кога беше забележан пад од 25 проценти.
Кина, Европа, САД, сите големи пазари за автомобили имаат двоцифрен пад во март, но Европа е погодена најсилно. Во 27-те држави во ЕУ, продажбата на патнички автомобили во март регистрирала 848.800 возила – тоа е за 52% помалку во споредба со март во 2019 година.
Во скандинавските држави имаше најмал пад во продажбата, таму веќе е вообичаена онлајн-продажбата; Испорака на возила за 3 до 7 денови
Во некои европски држави, кризата помалку се почувствува во автомобилската продажба. Во Финска и Литванија, пазарот опадна незначително. Во овие држави немаше строго ограничување на движењето, а онлајн-продажбата на возила веќе прераснува во стандардна постапка. Испораката на возила трае меѓу 3 и 7 работни денови. Ист е случајот со Шведска, кадешто пазарот имаше минус од девет проценти.
Наспроти тоа, најсилно беа погорени пазарите во Италија, Франција, Шпанија, Австрија, Ирска, Словенија, Грција и Португалија. Наспроти март 2019, кога сите овие пазари заедно апсорбирале 634.600 автомобили, годинава нивниот вкупен пазар се скусил на само 161.800 возила.
Меѓу одделните марки и модели, исто така се појавуваат разлики. Volvo XC40, на пример, се продавал само за 5% послабо отколку лани. Audi и Mercedes, пак, ја зголемиле продажбата на своите E-Tron и GLE за 86, односно 213 проценти.
Првото што се забележува секако е вицешампионското место за Tesla Model 3. Голем скок има и кај Mini, кој ја заокружува водечката десетка. Ford Focus е позициониран високо, затоа што продажбата му е стабилна уште од стартот, истото важи и за Mercedes A-Class. Промена на позициите има кај Toyota. Најпродаван модел на Јапонците досега беше Corolla, но во март нејзиното место го зазеде Yaris. Големите пазари веќе се подготвуваат за претстојната генерациска замена и го нудат популарниот мал автомобил со екстра опрема и акциски цени. Впрочем, истото е веќе случај и кај македонската Toyota. Дополнителен поттик дава присуството на хибриден модел во гамата на Yaris.