
Унгарската фабрика, во којашто започна производството на електричната Ц-Класа, ќе биде најголема фабрика на Мерцедес-Бенц во Европа, и втора најголема во светски рамки, откако ќе биде завршено проширувањето. Фабриката ќе работи флексибилно, односно ќе се приспособува според промените на пазарот.
Унгарската влада соопшти дека со инвестицијата ќе се зголеми капацитетот на фабриката на 350.000 возила годишно, но и ќе се отворат нови 3.000 работни места во Кечкемет. Според податоците од производителот, во фабриката во моментов работат близу 5.200 лица.
Во Кечкемет ќе се произведуваат уште електричниот ГЛЦ и малечката Г-Класа
Директорот за производство Михаел Шибе кажа дека производителот ќе воведе уште два модели во фабриката, електричниот ГЛЦ и идната малечка Г-Класа.
„Тоа ќе ни овозможи флексибилно производство на моделите на различни локации, за брзо да се приспособуваме според пазарната побарувачка и надворешните влијанија, со што ќе направиме нашата светска производствена мрежа да стане уште поотпорна,“ кажа Шибе.
Во времето на поранешниот унгарски лидер Виктор Орбан, кој ја загуби власта на изборите во април, производството на електрични автомобили и батерии за нив, стана главен носител на економскиот раст на Унгарија и на новите вработувања. Покрај Мерцедес-Бенц, од германските премиум марки, во земјата произведуваат уште Ауди и БМВ, а се градат и гигафабрики на кинеските производители на батерии.
И покрај зголемувањето на платите во изминатите години, примањата во Унгарија уште се меѓу најниските во Европската Унија, со што земјата е привлечна цел за производство со поевтина работна сила.
„Со локалното производство на клучни компоненти, како батерии, можеме уште побрзо и пофлексибилно да реагираме на побарувачката,“ изјави извршниот директор Ола Калениус на свеченото отворање на новиот дел од фабриката.
„Тоа прави Кечкемет да биде клучен центар за нашата иднина“, додаде тој.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој исто така присуствуваше на свеченоста, изјхави дека неговата централно-десничарска влада има цел да создаде предвидлива средина за бизнис за странските инвеститори во Унгарија, коишто се соочуваа со чести промени во законите и вонредно даночење за да се покријат дупките во буџетот за време на Орбан.
„Владата има цел да одржува стабилно стратешко партнерство со Мерцедес, како и со останатите компании што сакаат да инвестираат во Унгарија со нас,“ изјави Маѓар. „Но, тоа не е еднонасочна улица.“
Маѓар кажа дека сите компании во Унгарија треба да ги почитуваат законите, да обезбедат безбедни услови за работа и да исплаќаат плати, што според него, на работниците им обезбедуаат сигурен извор на егзистенција.
Премиера на ЦЛА во Мак Аутостар: Најважниот нов Мерцедес-Бенц по 190-ка















