Германскиот производител се соочува со проблеми, затоа што трката на Кинезите со електричните автомобили продолжи и без БМВ.
Новиот извршен директор на БМВ, Милан Недељковиќ, во минатата недела изненади објавувајќи предупредување до инвеститорите, дека е загрозен профитот. Тој ја фрла вината врз кинескиот пазар. Трипати во изминатите неполни три години, Баварците излегуваат со предупредување за берзите. Продажбата во Кина во второто тромесечје опаднала за 30 проценти.
Некои акционери и аналитичари ценат дека БМВ предолго чекал со продажбата на долгонајавуваната Ное Класе, во време кога Кинезите развиваат сé понапредни електрични автомобили за помалку од 18 месеци. За споредба, на традиционалните производители им е потребно двапати подолго време.
„Доколку тој беше лансиран пред две години, ќе ја сменеше играта,“ цени Јејл Жанг, аналитичар во Аутомотив Форсајт. „На дешениот автомобилски пазар во Кина, тешко е да се издвоиш.“
Кинеските купувачи добиваат најнапредна технологија од домашните производители, како Нио. Нивниот знаменосец, лимузината ЕТ9, минуваше преку лежечки полицајци со чаши полни со шампањ и наредени во кула врз хаубата, без да се пролее капка. Сето тоа е заслуга на напредното подвозје на возилото.

БМВ се соочува со истите проблеми во Кина како и останатите германски производители на премиум автомобили. Докажаниот инженеринг и наследството во моторите со внатрешно согорување, што е аргумент за продажба на нивните автомобили со висока маржа во Европа и во САД, немаат толкава важност кај кинеските купувачи.
Место тоа, Кинезите си ги почитуваат домашните марки, како Нио, Зикр и Шаоми, коишто нудат интелигентни функции во своите електрични автомобили, што се приспособени точно според барањата на кинеските купувачи.
Кинеските премиум марки отворено целат кон купувачите на БМВ, Ауди, Порше и Мерцедес-Бенц.
Само 5 проценти од продажбата на БМВ во Кина се целосно електрични возила. Тоа се случува на пазар каде што овој вид погон учествува со 46 проценти во вкупната продажба. БМВ имаше пад во продажбата во Кина во 2024 и 2025 година. Во првото полугодие, падна и продажбата на Мерцедес-Бенц и Ауди, за 28 и 19 проценти соодветно.
Домашна премиера: БМВ и-Икс-3 е нов темел на електромобилноста во Македонија
Според консултантската куќа Ленд Роудс, просечната цена на автомобилите што БМВ ги продава во Кина во 2025 изнесувала 341.000 јуани (околу 50.000 долари), што е под просечната цена на домашните марки, како Нио, Аито или Денза. Од германските премиум марки, само Ауди постигнува помал просек, со 287.000 јуани.
БМВ ги спушти цените во Кина, но аналитичарите сметаат дека тоа е недоволно. Кинеските купувачи и натаму очекуваат да добијат висока противвредност за своите пари, додека ривалите се „наоружани до заби со врвни својства“, вели Жанг.
Поранешниот директор за производство во БМВ, Србинот Милан Недељковиќ, важи како еден од главните творци на Ное Класе. Врз оваа платформа ќе бидат изведени 40 нови модели до следната година. Пазарот во Европа одговори со голем број нарачки за новите модели.
Стартот на продажбата на и-Икс-3 во Кина беше одложен, откако БМВ реши сопствената технологија да ја замени со решенијата на кинескиот партнер Момента, со цел на купувачите да им се понудат напредни функции на автономно возење, што се цени високо меѓу тамошните возачки и возачи.
Кинески аналитичари го критикуваат маркетингот на БМВ, којшто главно го нагласува големиот досег на автомобилите. „Тоа беше тема пред две или три години“, вели Чанг Јан, основач на Суперчарџд, популарен блог за ЕВ.
Тој напоменува дека атрибутите што важат како технолошка надмоќ во Европа, од типот на возни својства и перформанси, не се толку важни во Кина, каде што домашните марки се „многу поагресивни со дизајнот и со функциите“.
Друг аналитичар вели дека во развојот на моделите решава главно центарот во Минхен и дека компанијата не ги разбира целосно очекувањата на кинеските купувачи. Генералнот став е дека БМВ и покрај сé заостанува зад кинеските ривали.
















