Премиера на ЦЛА во Мак Аутостар: Најважниот нов Мерцедес-Бенц по 190-ка

Не е првпат „малечок“ модел да ги внесува големите промени во Мерцедес-Бенц. Во 1980-те години, тоа беше 190-ката, за деценија и пол подоцна да следи А-Класата. Сега е редот на ЦЛА.

Пет возила ја сочинуваат стартната постава на новиот Мерцедес-Бенц ЦЛА во салонот на Мак Аутостар, со задолжителните АМГ-верзии

Мерцедес-Бенц ѝ дава душа на технологијата. Тоа повеќе од кога било досега го докажа новата генерација на ЦЛА. Купе-лимузината со фабричка ознака Ц 174 е осмислена како „софтверски дефинирано возило“, со нов оперативен систем, со можност преку вештачка интелигенција да се разговара со Мерцедесот.

Од овие факти со коишто производителот најгласно го рекламира својот нов Ц 174, на традиционалистите веројатно ќе им се крене коса на глава. Но, при запознавањето со стартната постава, со петте купе-лимузини ЦЛА изложени во салонот на Мак Аутостар, единствено се чувствува свежината на моделот. Мерцедес, нов.

Мерцедес-Бенц не ѝ остава шанса на технологијата, таа да биде поважна од чувството  на марката кога човек ќе седне во ЦЛА. Тука сé уште важи правилото, дека технологијата може само му служи на човекот. Не случајно, во оваа славеничка 2026 за Мерцедес-Бенц, во одбежување на 140 години од првото моторно возило на историјата, „Моторкутче“ на Карл Бенц, Штутгарт сé почесто порачува „добредојдовте дома“.

ЦЛА од генерацијата Ц 174 воведува бројни пресвртници во германската премиум марка. Основата е тоа што купе-лимузинава е развиена како СДВ. Тоа е еден од најчесто спомнуваните термини во денешницата и означува Софтерски Дефинирано Возило. Вистина е дека тоа звучи мошне „анти-метално“, но менува многу работи на подобро.

Што точно менува СДВ, може да се свати преку пример. Да претпоставиме дека автомобилот е како домашен компјутер, во којшто секоја компонента користи различен оперативен систем. Хард дискот, на пример, работи на Виндоус, графичката картичка на Линукс, процесорот е под Епл макОС. Во таква конфигурација, би било невозможно да се постигне контрола на сите тие компоненти од едно место. Долги години, тоа е еден од најголемите предизвици на производителите на автомобили.

Многу побрза и посигурна работа на целата електроника во возилото, од радио до системи против незгода

ЦЛА го менува тоа, затоа што со сите функции на возилото, се раководи токму од едно место. Еден суперкомпјутер, којшто е неколкупати помоќен од домашните компјутери, се грижи за сé, од распределувањето на светлосниот сноп врз патот, до работата на камерите и радарите што ги читаат знаците, предупредуваат при пешак на пат, па и до вештачката интелигенција што разговара со возачот.

Предностите од СДВ се сеопфатни, од исклучително брза работа при ракување со инфо-забавниот систем, до брза реакција на системите за асистенција што спречуваат незгода, понатаму постојано вчитување нови софтверски верзии од податочен облак, без потреба за тоа да се посетува сервис. При првите контакти со ЦЛА во салон, навистина убедува брзината на реакцијата при пребарувањето низ менијата што се прикажуваат во средишниот дисплеј.

Деталното видео од македонската премиера на Мерцедес-Бенц ЦЛА

Тоа е заслуга на „новите“ имиња што влегоа во светот на автомобилизмот, меѓу другото, нВидиа со моќните процесори и секаде присутниот Гугл, со своите услуги. Секако дека кај Мерцедес-Бенц ЦЛА има новини и во традиционалните вредности на марката.

Осветлена рамка околу маската

Маската повеќе нема доминантна улога во носот на ЦЛА, туку повеќе е појдовна точка околу којашто се раководат останатите елементи во изгледот. Ц 174 навистина изгледа младешки и не толку обврзувачки кон класиката, но пак зрачи со премиумот.

При изведувањето на задниот дел од кабината, дизајнерите овојпат имаа налог повеќе да го испочитуваат изворниот карактер на ЦЛА, како купе-лимузина со 4 врати. Во споредба со претходниот модел, Ц 174 со силуетата повеќе влече кон ЦЛЕ, отколку кон Ц-Класа. Тоа е воедно и главната привлечност на купе-лимузините, да ја задржат суптилната форма на купе.

Комби-купето ЦЛА Шутинг Брејк кога багажникот е важен

Иако должината на новиот ЦЛА порасна незначително, за само неколку сантиметри, гледано отстрана се стекнува впечаток дека возилото е многу подолго. Пропорциите исто така се сменети, со зголемувањето на меѓускиното растојание, од 2.729 милиметри на 2.790 милиметри. Багажникот загуби малку на волумен и сега нуди 405, место 440 литри, но на купувачите на коишто им е важен товарниот простор, секако дека повторно им стои на располагање изведбата Шутинг Брејк.

Уште поважна од новиот оперативен систем МБ.ОС во ЦЛА е платформата ММА. Тоа е основата што е наменета за сите модели од новото семејство на А-Класата, односно досега, истата ја користи новиот ГЛБ. Главните предности на ММА се во електричниот погон. Кај нас, сепак ќе биде главна изведбата со 48-волтен благ хибриден погон.

Таа се состои од 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење и 4 цилиндри, во три степени на моќност – 136, 163 и 190 КС – и електромотор со моќност од 30 КС, што е вграден во 8-степениот менувач со двојна спојка, како и батерија со капацитет од 1,3 киловатчас.

Моделските изведби соодветно се означени со ЦЛА 180, ЦЛА 200 и 200 4Матик, клако и ЦЛА 220 и 220 4Матик. Во врвната изведба со погон на сите тркала, ЦЛА спринтува до темпо сто за 7,1 секунди и постигнува крајна брзина од 237 километри на час.

Драстично намалување на потрошувачката на гориво со благиот хибрид

Придобивката од елеткрификацијата како благ хибрид се огледуваат во потрошувачката. Додека претходничката во истата изведба трошеше 11,1 литри во град, според фабричките податоци, вредноста сега е драстично смалена на 7,4 литри. Просекот е сведен од 6,7 на 5,3 литри.

Мерцедес-Бенц првпат по 1974 година со титула на автомобил на годината во Европа

Околу моторот, различно од гласините, тој е развиен од инженерите на Мерцедес-Бенц и се води под М252. Производството навистина е во Кина, во фабрика на Хорс, специјализирана компанија за производство на мотори по налог. Бидејќи станува збор за мотор што во моментов се вградува само во ЦЛА и ГЛБ, неговото производство во Мерцедес-Бенц ќе беше прескапо и бесмислено, поради што менаџерите препуштија тој да се произведува со поприфатливи трошоци во Хорс.

Главните обележја на Мерцедес-Бенц ЦЛА:

  • Сопствен оперативен систем МБ.ОС на Мерцедес-Бенц, со постојано преземање нов софтвер од податочен облак
  • МБУКС од 4-та генерација, со полесно ракување и примена на вештачка интелигенција, при давањето говорни команди до возилото; Се користи КИ и од Мајкрософт и од Гугл.
  • МБУКС Суперксрин со чипови и графиак од Нвидиа (Јунити Гејм Енџин), со три екрани под заеднички панел
  • МБ.ДРАЈВ за самостојно престигнување на автопат, доволно е при соодветни услови само кусо да се повлече рачката на трепкачите и ЦЛА почнува да престигнува автоматски – достапно како опција
  • Осветлена рамка околу маската
  • Предни и задни светла со нагласена ѕвезда во внатрешната графика
  • Панорамски покрив по цела површина како стандардна опрема, со невидлива фолија за заштита од инфрацрвени зраци

Цените на стандардните моделски изведби во гамата на Мерцедес-Бенц ЦЛА:

ЦЛА 180

53990 €

ЦЛА 200

57000 €

ЦЛА 200 4Матик

60000 €

ЦЛА 220

61000 €

ЦЛА 220 4Матик

64000 €

 

Стандардна опременост · Мерцедес-Бенц ЦЛА 180

  • Местење на возачко седиште во слабински дел
  • МБУКС Навиација
  • Дигитални инструменти 10,25 инчи
  • Камера за препознавање лице
  • Автоматска клима Терматик
  • ЛЕД светла со високи перформанси
  • Панорамски покрив
  • Селфи и видео камера
  • Предни седишта со греење
  • Собирање ретровизори
  • Средишен контролен дисплеј 14 инчи
  • Тркала од лесен метал од 17 инчи со аеро-раткапни
  • Велурни патосници
  • Црн таван
  • Комфорни седишта комбинација вештачка кожа и црно платно
  • Кожен мултифункциски спортски волан
  • Украсни панели во антрацит боја
  • Приклучок 12 волти пред совозач
  • Осветлена маска со хромирани ѕвезди во маска
  • МБУКС Мултимедиски систем
  • УСБ Пакет
  • Дигитално радио
  • Автоматско долго светло
  • Приспособлив темпомат
  • Камера за знаци
  • Лимитер
  • Систем за задржување во лента
  • Предупредување за возило во мртов агол
  • Предупредување при пешак на пат

 

Претходна објаваЕлектричното возење Киа почнува од 30.000 евра
Следна објаваРено продолжува со серијата модели Ролан Гарос, на ред е електричната 4-ка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here