за

Возачка дозвола стара 110 години во музејот на Mercedes

Возачката дозвола постепено ќе се заменува со мобилна апликација, пилотите во формула 1 до 2015 година не мораа да поседуваат цивилна возачка дозвола – многу интересни и непознати факти околу дозволата од 1910 година во музејот на Mercedes.

Возачка дозвола стара 110 години во музејот на Mercedes

Возачката дозвола е стара речиси колку самиот автомобил. Овој документ, исто како тогаш, до денешен ден ја претставува слободата на движење. Меѓу 1.500-те „неавтомобилски“ експонати во музејот на Mercedes во Штутгарт се наоѓа и дозвола издадена пред 110 години.

Трајната поставка во музејот на Mercedes во Штутгарт се состои од 160 возила и вкупно 1.500 експонати. Посебен дел се „33 Extras“, кои прикажуваат детали од историјата на мобилноста и автомобилската култура. Во нив спаѓа и возачката дозвола што е издадена во 1910 година. Неколку историски факти за овие документи и стекнувањето возачка дозвола пред повеќе од еден век.

Пронаоѓачот на автомобилот, Карл Бенц, важи како прв сопственик на возачка дозвола во историјата – иако во тоа време не постои документ под такво име. Уште во 1888 година, Подрачната служба на градот Манхајм му издава дозвола за „пробно возење со патентирано моторно возило изработено лично од него“.

Германското Царство во 1909 година ја воведува возачката дозвола како доказ за „способност за возење на управувачот со возилото“. Поседувањето „driving license“ станува задолжително во Велика Британија на 1-ви јануари 1904 година. Во САД, првите сојузни држави воведуваат лиценца во 1903 година, додека во Франција, каде што автомобилите уште рано почнуваат да се прифаќаат како реалност, возачка дозвола мора да се поседува веќе од 1899 година. Во првата година се издадени близу 1.800 дозволи само во регионот на Париз. Наспроти тоа, коњските запреги и натаму смеат да се управуваат без дозвола.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Историјата на автошколите влече корени уште во почетокот на 20-от век. Сервисерот за автомобили и тркач Жан Пфалц од германскиот град Манхајм, воедно и партнер на Benz & Cie., во 1904 година ја отрвора првата автошкола на Benz. Првото полагање за возачка дозвола во Германија се случува во 1904 година во Прусија.

Возачката дозвола е основа за нивната професија на голем број луѓе, на пример за професионални возачи на камиони и таксисти, возачи на автобуси и вработени во служби за достава. На тоа потсетува и возачката дозвола за шоферот и партнер на Benz, Јозеф Штрасел, издадена на 10-ти септември 1910 година.

Од 1999 година, во Германија се користи возачка дозвола во форма на пластична картичка. Во меѓувреме почнува користењето на дигиталните верзии. Апликација на возачка дозвола се користи во Естонија, а од минатата есен и во Норвешка.

За мотоспорт е потребна посебна лиценца, тоа е практично возачка дозвола за тркачи. Постојат повеќе категории, од почетничка лиценца, до суперлиценца којашто е неопходна за Формула 1. До 2015 година, пилотите во формула 1 не мораа да поседуваат цивилна возачка дозвола.

Во иднина автомобилите ќе почнат да возат сами. Многу прашања уште се неодговорени, меѓу другото и прашањето, дали и возилата во иднина ќе мора да „полагаат“ за сопствена возачка дозвола.

New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> Осум илјади Британци над 90 години ја вратиле дозволата

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda Octavia се произведуваше во Чиле пред 50 години

Непозната историја: Skoda Octavia се произведуваше во Чиле пред 50 години

Во дваесет градови во Полска возат над 150 електрични автобуси

Во дваесет градови во Полска возат над 150 електрични автобуси