
Напролет Швабите ќе ги претстават освежените моделски годишта на големите теренци ML и GL. Освен во техниката и изгледот, промени има и во ознаките: ML станува GLE, додека GL ќе биде GLS.
Освежените моделски годишта на големите теренци на Mercedes ќе носат и нови ознаки. Следејќи ја аналогијата што ја примени кај компактниот теренец GLA на база на класичната класа А, каде што буквата A укажува на класната припадност на моделот, Mercedes во иднина ќе го води теренецот ML како GLE, односно како теренец во рангот на класата Е. Соодветно на тоа и престижниот теренец GL ќе го промени моделското име во GLS, како теренец во рангот на класата Ѕ. По истиот пример би се случило и преименувањето на GLK во GLC, освен ако Mercedes не реши да ја наруши конечно воспоставената логика во означувањето на моделите па ја примени ова ознака за идната купе верзија на „новиот“ GLE, конкурентот на BMW X6.
Промените во изгледот ќе бидат само незначителни и ќе се сведуваат главно на модернизација на стилот во предниот дел. Дневните светла се преселуваат од браникот во самите светла, кадешто ќе формираат латинично C, исто како кај моделите од класите C и E. Со доплата ќе бидат достапни и диодните светла што Mercedes штотуку ги претстави во купе лимузината CLS. Соодветно на новите светла ќе се смени и изгледот на браниците и отворите за воздух во истите.
Во внатрешноста следува освежување на мултимедискиот систем Comand, вклучувајќи опција Apple Car Play, за поврзување со преносните уреди на Apple. Неколку промени се најавуваат и под хаубата. Познатите дизелски и бензински мотори ќе бидат натаму оптимирани во потрошувачката и ќе работат во комбинација со новиот 9G-Tronic со девет степени на пренос, место со 7G-Tronic. Новитети во понудата во обете моделски серии ќе бидат бензински V6 од три литри со 333 КС и модел со хибриден погон. Mercedes GLE и GLS ќе бидат претставени на салонот во Женева во март.
















