Mercedes настапува на салонот во Франкфурт во знакот на новите видови на мобилност што се од одржлива природа. Во тој стил е главната порака: Луксузните автомобили повеќе нема да се однесуваат расипнички со горивото и со животната средина, туку напротив, ќе бидат заштитнички колку е можно повеќе. Пример за тоа е студијата Vision EQS.
Деветнаесет модели на штандот на Mercedes во Франкфурт првпат се појавуваат пред светот. Комплетна промена се случи и во стилот во којшто е изведен штандот и истата е направена со цел на клиентот полесно да се запознае со понудата на марката и на концернот., Mercedes и Daimler се подготвуваат за блиската иднина, кога ќе нудат и бројни нови услуги за мобилност, не „само“ автомобили.
Пионерскиот дух е дел од нашата DNA. Основачите на нашата фирма беа архитекти на новата мобилност без коњи. Нашата задача за денес е индивидуална мобилност без штетна емисија
Ола Келениус, шеф на Daimler
Швабите во Франкфурт најавија бројни големи цели:
- До 2039 година, целата моделска понуда ќе биде со неутрална емисија на СО2
- До 2030 година, повеќе од половина од продадените нови возила ќе возат на струја
- СО2-неутрално снабдување со енергија на речиси сите фабрики во Германија и СО2-неутрално производство на возила во Европа до 2022 година.
Електромобилноста прераснува во главен бизнис на Mercedes-Benz. Новите генерации модели уште од старт се предвидени за верзии со електричен погон и се базираат врз сопствена електрична платформа. Добавувачите на батерии за концернот исто така се обврзани да произведуваат СО2-неутрално.
Студијата Vision EQS ја прикажува идејата за одржлив луксуз
Mercedes одржа светска премиера на Vision EQS, студијата според којашто ќе се раководат идните генерации модели. Оваа своевидна S-Class на иднината поседува целосно приспособлива електрична платформа, со можност за менување на големината, за истата да се користи за повеќе модели.
Секако дека во лимузината не отсуствуваат традиционалните вредности на Mercedes, односно врвната изработка, дизајнот што ги поттикнува емоциите и воопшто уживање во возењето. Досегот на електричниот крстосувач изнесува до 700 километри. Со моќност од 350 kW, односно 476 КС, спринтот до сто трае 4,5 секунди. При користење супербрз полнач со 350 kW, батеријата се полни до 80% за помалку од 20 минути.
Три модели од компакт класата се појавуваат премиерно во Франкфурт со плагин хибриден погон од третата генерација. Ние веќе објавивме за A 250 e, A 250 e Limousine и B 250 e. Досегот само при погон на струја изнесува најмногу 70 km. Електромоторот со 75 kW произведува системска моќност од 160 kW или 218 КС, заедно со турбо-бензинецот од 1,33 литар. Импресивни се и 450-те њутнметри, а не изненадува и спринтот до сто за само 6,6 секунди. Крајната брзина е 235 km/h.
Два плагин-хибриди има и во СУВ-понудата. Mercedes GLE 350 de 4Matic ангажира дизел, во комбинација со батерија од 31,2 kWh. Во најдобар случај, со полна батерија може да се извозат до 100 километри. Вториот е Mercedes GLC 300 e 4Matic.
Премиера има и новиoт GLE Coupe, заедно со неговата верзија од AMG со 435 КС, којашто работи како таканаречен благ хибрид, со 48-волтна мрежа и стартер генератор.
Голема премиера и за една „малечка“ марка. Smart влегува во нова генерација и отсега нуди само електрични возила. Така беше замислата уште од почетокот, кога идејата ја развиваше Николас Хајек, таткото на Своч-часовниците. Досегот на струја изнесува над 150 km во реални услови. Првпат има разлика во предниот дел меѓу fortwo и forfour. Вториов следи пример од студијата Vision EQ fortwo.
До збирот од 19 премиери следат уште Mercedes-AMG GLB 35 4Matic, EQV – како изведба од V-Class со погон на струја и досед до 405 km, и експерименталното возило ESF, со неколку нови идеи за безбедноста, плус A 45 (S) 4Matic+, CLA 45 (S) 4Matic+, CLA 45 (S) 4Matic+ Shooting Brake и GLC 43 4Matic во класична и купе-изведба.
Моќен магнет за публиката е 3D-моделот од VoloCity. Станува збор за првиот комерцијален волокоптер, којшто ќе се користи за такси превоз и во чиешто дизајнирање учествуваше тим на Mercedes.