за

Mercedes ја нуди електричната V-Class за месечна претплата

Новиот модел на користење возило масовно се шири во браншата, барем на најголемите пазари. Mercedes нуди можност EQV да се користи на месечна основа и да се плаќа месечна рата за користење, исто како претплата за телефон.

Mercedes ја нуди електричната V-Class со месечна претплата

Новата услуга што буквално се води како претплата за автомобил, наидува на голем интерес кај корисниците. Привлечноста на понудата е во тоа што се зема возило на месечно користење, без потпишување комплицирани договори за отплата и без гаранции.

Во германската мрежа на Mercedes-Benz е сé поактуелна услугата за користење автомобил со месечна претплата. Новина во понудата од модели за кои е достапна оваа услуга е Mercedes EQV, електричната изведба на V-Class. Покрај EQC, тоа е втор електро-модел за којшто е достапна новата услуга.

Mercedes цени дека понудата е интересна и за потенцијалните купувачи на електричен автомобил, кои уште се несигурни околу секојдневната употребливост на погонот на батерија. Можноста за тие да изнајмат EQV на месечна основа, според Mercedes претставува одлична можност за реално запознавање со можностите на електричниот погон во секојдневието.

Не станува збор за кредит, лизинг или изнајмување, туку едноставно за месечна претплата. Цената за месечната претплата на големиот луксузен ван изнесува 899 евра. Тоа на прв поглед се чини како да е превисока цена, но во неа се вклучени сите трошоци, од редовно одржување, сервисирање во гарантен рок, регистрација, осигурување, гуми, акумулатор – единствено не е вклучена цената на струјата што ќе се искористи за полнење на батеријата.

Mercedes EQV
Mercedes EQV

Месечната километража е ограничена на 1.250 километри, додека каско-осигурувањето покрива штета до 1.500 евра. Редовниот период на користење на претплата е во времетраење од 24 месеци и може да се откаже три месеци однапред.

Клиентите што можат да си ја дозволат електричната V-Class, треба да издвојат 69.588,40 евра на германскиот пазар. Во цената е вклучено редовно одржување во период од четири години, како и гаранција на батерија за рок од осум години или 160.000 километри.

Mercedes EQV постигнува досег до 418 километри и нуди место за осум патници, во најразлична конфигурација на седиштата. Луксузниот ван често се користи како хотелски и ВИП-превоз, но често се избира и како семејно возило.

>>> Електричниот Mercedes EQC во Германија за 799 евра месечна претплата

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Уличен знак во Полска веднаш ја покажува казната при пречекорување

Уличен знак во Полска веднаш ја покажува казната при пречекорување

Polestar ќе го пушти концептниот Precept во сериско производство