Глетката мора да предизвикува посебно чувство, кога цела една фабрика за автомобили, и тоа на Mercedes, произведува модели чијшто дизајн e произлезeн од сопствените раце. По неколку месеци откако стартуваше производството на купе-лимузината Mercedes CLA, следи комби-купето CLA Shooting Brake. Двата сродни модели го носат дизајнот на Славче Таневски, македонската ѕвезда во Mercedes.
Исто како и во претходната генерација, CLA Coupe и CLA Shooting Brake се произведуваат единствено во фабриката на Mercedes во Кечкемет/Унгарија и оттаму се испорачуваат ширум светот. Фабриката е дел од светскиот синџир од шест производствени локации, на три континенти, во коишто се изработуваат моментно седумте модели од семејството на A-Class. Тоа се уште Пекинг/Кина, Усикаупунки/Финска, Агуаскалиентес/Мексико, Хамбах/Франција и Раштат/Германија.

Покрај двете дизајнерски парчиња, во Кечкемет од лани се произведува и лимузинската изведба на A-Class, самата новитет во понудата од модели во компакт класата на Mercedes.
Дронови пет месеци летаа над фабричките хали, во тестирање на достава на делови до одделните работни позиции
Постојано се испробуваат нови пристапи во производството. Во унгарската фабрика пет месеци се тестираше достава на потрошни материјали за производствените постројки, со помош на дронови над фабричките хали. Тоа денес е реалност во овие погони на Mercedes, а ќе се воведува и во останатите фабрики.
Бројот на вилушкари е сведен на минимум, а транспортот предежно се врши со автономни роботи. Хартија практично не постои во фабриката, а се произведува со посебна грижа кон животната средина, за што сведочи и комплетното воведување на диодни светилки во сите хали.
https://photos.app.goo.gl/JjB9HLS6r4ZHHrdbA
Во поглед на дизајнот, дебелиот опаш кој обично е естетски недостаток на комби-каросеријата, кај CLA Shooting Brake е претворен во предност што го издвојува од останатите автомобили во уличната слика. Славче лично го претстави својот автомобил при светската премиера на салонот во Женева пролетоска.
Двете каросериски изведби на „CLS за млади“ досега се продадоа во повеќе од 750.000 примероци. Најголеми пазари лани беа Кина, САД и Германија. Американските возачи на CLA и на „Shooting“ се десет години помлади од возачите на останатите модели на Mercedes. Во Европа, две третини претходно поседувале автомобил од друга марка.
















