Мерцедес расте насекаде, единствено Кина кочи

Групацијата Мерцедес-Бенц во второто тромесечје испорача преку половина милион патнички и доставни возила. Без Кина, марката со ѕвездата напредуваше 3%, електричните дури 50% во плус.

Огромниот раст кај електричните автомобили во Европа (+87%), донесе глобален раст од преку 50 проценти во продажбата на БЕВ на Мерцедес-Бенц; На сликата: Новата Мерцедес-Бенц Ц-Класа со електричен погон

Во тромесечјето од почетокот на април до завршетокот на јуни, групацијата Мерцедес-Бенц испорачала 511.900 патнички автомобили и доставни возила. Тоа е за 2% над резултатот од истиот период лани, во време на „постојани макроекономски и геополитички предизвици, како и нарушен потрошувачки дух во делови од Азија“, соопштува производителот од Штутгарт, при што јасно укажува на проблематичниот пазар во Кина, што сите ги погодува.

Без Кина, марката со ѕвездата ја зголеми продажбата за 3% во споредба со лани. За тоа се заслужни новите моделски генерации и посебно батериските електрични автомобили и ванови, што постигнаа раст од 50% во однос на второто тромесечје во 2025.

Мерцедес-Бенц очекува во второто полугодие да постигне повисока продажба во споредба со првите шест месеци, со помош на следните нови модели што треба да се придружат во гамата и се дел од големата моделска офанзива во чест на 140-те години од првиот автомобил во историјата. Веќе се полни и книгите со нарачки, што му дава сигурност на Бенцот дека ќе ги исполни очекувањата.

Автомобилскиот огранок во изминатите три месеци испорача 417.800 возила, што е осум проценти зад ланскиот резултат. Исто како во првиот квартал, вкупниот биланс без Кина е 2% во плус. Расте побарувачката и во Северна Америка (+13%) и во Европа (+4%), вклучувајќи и шест проценти раст на германскиот пазар.

Кинеските дилери испорачале 98.600 возила, што е пад од 30 проценти. Мерцедес-Бенц цени дека тоа е резултат од заострената конкуренција и од паузата до воведувањето на новите моделски генерации.

Новиот Мерцедес-Бенц ЦЛА во салонот на Мак Аутостар, со задолжителните АМГ-верзии

Премиера на новата генерација на Мерцедес-Бенц ГЛА во јули

„Побарувачката за новиот електричен ГЛЦ, за електричниот ЦЛА и за електричниот ГЛБ е исклучително силна. Новата С-класа стартуваше успешно во Европа“, изјави во соопштението Матијас Гајсен, директор за продажба и клиенти. Од мај се примаат нарачки и за електричната Ц-Класа, а голема премиера ќе се случи кон завршетокот на јули, со новата генерација на целосно електричниот ГЛА.

Електричните автомобили постигнаа 52.900 продажби на светскиот пазар, за 51% над вториот квартал лани. Во Европа, БЕВ пораснаа за 87% и достигнаа 43.500 продажби. Соодветно се удвои уделот на БЕВ, што сега изнесува близу 26 проценти.

Северна Америка продолжува да носи раст во продажбата. Во изминатите три месеци, продадени се 91.300 возила или за 13% повеќе. Само на САД отпаѓаат 81.900 возила (10%). Побарувачката е зголемена посебно кај ГЛЕ и ГЛЕ Купе, модели што се произведуваат во САД.

Во Азија, продажбата достигна 138.300 возила. Некогаш силниот носител на напредокот, Кина, забавува поради повеќе причини, како надворешни, така и внатрешни. Мерцедес-Бенц ќе се приспособи со нови модели што се развиени посебно за кинескиот пазар, како продолжената изведба на електричниот ГЛЦ. Се очекува позитивен исход и од претстојниот старт на новата С-Класа, како и освежениот ГЛЕ. Меѓу зафатите за кинескиот пазар спаѓа и новиот инфо-забавен систем, приспособен за тамошните барања, коишто се на повисоко ниво од кој било друг регион во светот.

Од ексклузивните моделски серии (С-Класа, АМГ, Г-Класа) во второто тромесечје се испорачани 578.100 возила (+10%), што е резултат на генерациските смени. Уделот на Топ-енд моделите е 14%, што е во рамките на предвидувањата.

Од овие модели, посебно се издвојува Г-Класата, со раст од 3% во светот. Во Европа, „гелендесаурусот“ напредувал 25%, и дури 42% во Германија. На „третите пазари“, од Г-Класата се продадени 66% повеќе возила.

Во средната и вишата класа, продажбите достигнале 249.300 возила, со голем раст кај ГЛЕ и ГЛЦ.

Компакт класата учествуваше со 110.400 возила, со најголем удел на новите ЦЛА и ГЛБ, со електирчен и хибриден погон.

Мерцедес ГЛБ · За секој ден и за секаде, секогаш Мерцедес

Претходна објаваКои се конкурентите на Липмотор Б10, Кинезот што двои со погонот
Следна објаваБИД испорачувал автомобили од стара моделска година во Австралија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here