Липмотор ги донесе традиционалните вредности на производителите од Кина, со автомобили што се просторни, опремени и силни, со одлична противвредност, но во тој настап додава и нов вид на погон – електричен погон со продолжувач на досег, односно со мал бензинец, што ги трга грижите дали ќе се најде полнач по пат.
Се затегнува конкурентскиот круг на македонскиот автомобилски пазар, со следниот производител од Кина, од земјата што стана главен предизвикувач на пазарот, па веројатно веќе и одредувач на правецот во којшто ќе се движат работите во иднина. Тоа им ја усложнува работата на производителите, и на тие што се бранат, и на тие што напаѓаат, но од тоа секогаш користат купувачите.
Липмотор ја има предноста што ниту еден производител од Кина ја немал досега. Тоа се сервисирањето, резервните делови и поддршката. Како 15-та марка на концернот Стелантис, што произлезе од спојувањето на Пежо и Фиат во 2021 година, Липмотор ја ужива сета поддршка во логистиката, постпродажбата, дистрибуцијата, сервисирањето, па дури и сместувањето во салон, како матична марка на Стелантис.
Премиерата на марката мина во свеченост, преку којашто увозникот Автонова, еден од највлијателните увозници на македонскиот пазар (Ситроен и др.), ја најави новата марка во портфолиото.
Од четирите модели што се достапни во редовната понуда во моментов, најмногу се полага во СУВ-моделот од компакт класата, во Б10. Тој се нуди во батериска електрична изведба и во изведба со продолжувач со досег. Двата видови погон се разликуваат околу 1.500 евра во цената, и двата се електрични, но со суштинска разлика.

Во класичната батериска изведба, Липмотор Б10 поседува електромотор со моќност од 218 КС и вртежен момент од 240 њутнметри. Може дасе избира меѓу две големини на батерија, едната со капацитет од 56,2 киловатчасови и досег до 361 километри, друга со капацитет од 67,1 кВч и соодветно подолг досег, со 434 километри. Разликата во цената е точно 2.000 евра.
Со стандарден досег и со првото ниво на опременост, Липмотор Б10 Лајф Про чини 24.990 евра, со подолг досег и иста опременост, 26.990 евра.
Тоа би било доволно за сензација, доколку македонскиот пазар беше веќе разбуден за електромобилноста. Но, во отсуство на субвенции и вложување на државата во купување електрични автомобили, како општо во земјата, се чека прво нешто да се смени однадвор, па дури тогаш да се реагира. Тоа чекање за властите допрво да признаат дека електричните автомобили постојат, заврши, но само поради влезот на Липмотор на македонскиот пазар.
РЕЕВ погонот е „субвенцијата“ на Липмотор за електричниот погон
„Субвенцијата“ на Липмотор е во РЕЕВ-погонот, односно во изведбата на Б10 (исто и на поголемиот Ц10) со електричен погон, но со продолжувач на досег. Потегот што го направи Автонова со вистинитите цени за Липмотор е историски и самото тоа би претставувало пресвртница во продажбата на електрични автомобили во Македонија. Но!
Македонските возачки и возачи уште се резервирани, несигурни и неподдржани за да преминат на електричен погон. Дури и кога цените на класичниот електричен Б10 се исти со модел со споредлива големина и опременост, но со обичен мотор, тоа пак не му го обезбедува вистинскиот поттик на моделот.
Тој поттик го дава РЕЕВ-изведбата, којашто има помала батерија од класичниот БЕВ, со капацитет од 18,8 киловатчасови и досег до 82 километри, наспроти 56,2 или 67,1 кВч, и соодветен досег до 361, односно 434 километри, но ја дава големата слобода што ја обезбедува продолжувачот на досег.
Тој продолжувач е мал бензинец, којшто не мора да биде најсилниот што постои, но затоа треба да биде најефикасниот, што по исцрпувањето на батеријата, почнува да работи како генератор, да ја полни батеријата, а оттаму црпи погонскиот електромотор. Место човек да се грижи дали ќе има полнач по пат, едноставно поаѓа спокојно со полн резервоар и полна батерија, и вози додека се дојде до полнач. Поддржувајќи брзо полнење, РЕЕВ-изведбата полни до 80% за 30 минути.

РЕЕВ се шанса за љубителите на електричниот погон
За возачки и возачи што се нетрпеливи да почнат да возат на струја, и доволно се сигурни дека во следните десет години нема да се смени многу во поглед на полначите и цените на електричните автомобили, изборот на РЕЕВ навистина заслужува внимание. Тоа е вид на погон што е хит на кинескиот пазар, и го бараат и купувачите во Европа, но во моментов го нудат само кинеските марки.
Предноста пред приклучните хибриди (ПХЕВ) е во цената. РЕЕВ нема менувач, нема потреба од силен мотор, значително е полесен, а работи и поефикасно, меѓу другото и поради отсуството на менувач.
Во продолжение, цените на неколку споредливи СУВ модели од Ц-сегментот, со електричен погон (БЕВ), што се објавени на вебсајтовите на марките
Батериски електрични СУВ од Ц-сегмент
Можно е да постојат одредени остапувања од класата, само за ориентација
Модел |
Досег (км) |
Цена (евра) |
|
Липмотор Б10 Лајф Про (промо) |
361 |
24.990 |
|
Липмотор Б10 Лајф Про Макс (промо) |
434 |
26.990 |
|
Опел Фронтера Електрик |
304-308 |
28.410 |
|
Опел Фронтера Електрик Лонг Рејнџ |
385-400 |
30.230 |
|
Линк енд Ко 02 Кор+ (промо – 5000€) |
435 |
30.990 |
|
Сузуки е-Витара 49 кВч |
344 |
33.990 |
|
Сузуки е-Витара 61 кВч |
426 |
35.990 |
|
Џили Е Икс 5 |
425 |
36.990 |
|
Киа ЕВ 3 |
436 |
37.450 |
|
Тојота Ц-ХР+ |
458 |
39.999 |
Вистинската предност на Липмотор, сепак ја прикажува РЕЕВ-изведбата. Најверодостојната споредба би била со Хјундаи Тусон, со обичен хибриден погон. Наспроти 26.490 евра на Б10 со РЕЕВ-погон, дилерот за корејската марка бара 39.500 евра за хибриден Тусон, во ценовник што не е обновен од мај 2025 година. И тоа, со вклучен попуст од 4.700 евра. Како што наведовме во почетокот, купувачите се тие што користат.
Наскоро ќе следат и подетални споредби на моделите на Липмотор со конкуренцијата.
















