за

Mercedes за колекционери што обожуваат трки

Mercedes-AMG GT Black Series
Mercedes-AMG GT Black Series

Марката Mercedes има многу „подмерцедеси“. Кога треба да биде уште поексклузивен и полуксузен, тој станува Mercedes Maybach. Во случај кога се бара совршенство во спортското возење и во перформансите, тогаш Mercedes станува Mercedes-AMG. Ако се бара, пак, најдоброто од Mercedes-AMG, тогаш е тука Black Series. Последниот модел од оваа серија е AMG GT, со 730 КС, кој е толку ексклузивен што и коленастото вратило има сосем различна конструкција од „класичниoтV8 во самостојниот модел на AMG.

Секако дека Mercedes се гордее на овој автомобил: „Најсилниот сериски V8 на AMG во историјата, најекспресивен дизајн, најсложена аеродинамика, најинтелигенен спој на материјали, најсилно нагласена возна динамика.“ Сето тоа е Mercedes AMG GT Black Series, врвот на AMG.

Првиот автомобил во оваа серија беше претставен во 2006 година. Идејата беше искуството од мотоспортот да се примени во сериски автомобил. Овие се ретки автомобили, создадени за колекционери што нема да ги чуваат во гаража, туку со нив ќе се одвезат на тркачка патека. AMG GT Black Series поставува ново мерило, во него работи најсилниот сериски V8 на Mercedes-AMG.

Ова е воедно последниот проект под раководство на Тобијас Моерс, кој од 1-ви август преоѓа на новото работно место на извршен директор во Aston Martin. Британците, патем, користат токму мотори V8 од AMG во своите „џејмс-бондовски“ автомобили и овој трансфер веројатно е само вешта стратегија на Daimler.

Коленастото вратило во „Black Series има различна конструкција од V8 во останатите изведби на AMG GT

Инженерите добија таква слобода при развојот на моторот, што ја сменија и конструкцијата на коленастото вратило. „Обичните“ изведби на AMG GT користат „крстесто“ вратило. Името доаѓа оттаму што ако вратилото се гледа отстрана, балансирачките контратегови на двата реда цилиндри се под агол од 90 степени („Cross-Plane“). Наспроти сите мотори V8 на AMG досега, моторот во Black Series користи „рамно“ вратило. Аналогно на претходниот пример, контратеговите тука се наоѓаат под агол од 180 степени („Flat-Plane“).

Рамномерна размена на гасовите за уште поголема моќност

Коленастото вратило на „црносерискиот“ AMG GT личи како вратило на линиски шестцилиндарец – со исклучок на пошироките ракавци, затоа што кај V8 има по две клипници по ракавец. Разликата е во палењето. Кај „flat-plane“, наизменично палат цилиндрите во едниот ред цилиндри, па во другиот ред. Тоа ја подобрува размената на гасови. Редоследот на палење е 1-8-2-7-4-5-3-6. Најголема предност од тоа е уште подиректното повлекување.

Поради обемните промени, 4,0 V8 носи сосем различен код M178 LS2. Моќноста од 730 КС се постигнува меѓу 6.700-6.900/min. Вртежниот момент достигнува врв од 800 Nm меѓу 2.000-6.000/min. Сменети се и брегастите вратила, а секако и издувните гранки.

Двата компресори се зголемени и за еден час можат да „издуваат“ 1.100 килограми воздух. Кај AMG GT R се 900 kg/h. Палењето исклучува на 7.200 вртежи. Нормално, интеркулерите се зголемени.

Забрзување 0-200 km/h под девет секунди, до стотка за 3,2 секунди, крајна брзина 325 km/h

Менувачот AMG SPEEDSHIFT DCT 7G што е интегриран во задната оска е преработен, меѓу другото и заради екстремниот вртежен момент од 800 Nm. Интелигенцијата на менувачот е оптимирана за тркачка патека, а „цевката“ меѓу моторот и менувачот е од карбон и со 13,9 kg е полесна за 40% од веќе оптимираната алуминумска верзија кај AMG GT. Погонското вратило во оваа „torque tube“ исто така е од карбон.

Аеродинамиката само во детали отстапува од тркачките AMG GT3 и GT4

Големиот отвор за воздух напред потекнува директно од AMG GT3. Предниот сплитер од карбон се мести рачно во два степени – за улица и за трка. За аеродинамичноста се грижи и новата хауба од карбон, со два отвори низ коишто излегува врелиот воздух. Секако и тоа е преземено од мотоспортот.

Назад доминира нов браник со дифузор и со две тркалезни двојни издувни цевки, заедно со задниот спојлер со иновативен концепт. Двата делови од спојклерот се од карбон и се местат рачно, со идеја возилото да се приспособи за секоја патека. Посебноста е во додатокот во горната ламела. Тој е активен и се управува електронски, со закосување до 20 степени. Постојат четири програми на работа на овој „флап“: Основна, напредна, про и мастер. Во најекстремната програма, флапот се вовлекува над 250 km/h со цел да се постигне повисока крајна брзина.

Лесен и цврст карбон до последниот детал

Меѓу посебностите на каросеријата се средишно вовлечениот покрив од карбон, како и задниот капак – исто од карбон. Задното стакло е потенко, заради пониска тежина. Истото важи и за предниот ветробран. Во намалувањето на тежината помагаат и сериските керамички сипирачки, со црни сопирачки клешти и бел натпис.

Michelin изработи специјален профил на Pilot Sport Cup 2 R MO за Black Series. Може да се бираат две смеши: мека и тврда. Димензијата е 285/35 ZR 19 на бандажи 10 J x 19 напред и 335/30 ZR 20 на бандажи 12 J x 20 назад.

Mercedes-AMG GT Black Series

Mercedes-AMG за верзијата GT Black Series вели дека формата ја следи функцијата. Тоа е уште една мајсторија на тимот околу Горден Вагенер, како дизајнот почнува вистински да живее кога GT ќе се пушти во возење

Posted by Automedia.mk on Wednesday, July 15, 2020

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Осигурители објавија Топ 10 на најиздржливи и најрасипливи модели

Осигурители објавија Топ 10 на најиздржливи и најрасипливи модели

Групацијата на Peugeot и Fiat ќе го носи името Stellantis

Групацијата на Peugeot и Fiat ќе го носи името Stellantis