По повеќе од една деценија, Mercedes е на пат да ја заврши годинава како најпродавана марка од премиум сегментот и да го замени досегашниот лидер BMW. Разликата во продажбата меѓу двете марки по единаесет месеци изнесува 70.000 возила. Третото место во премиум триото му припаѓа на Audi, кој од почетокот на годинава има продадено над 1,7 милион возила.
Премиум марките ги објавија продажбите за периодот од јануари до ноември годинава. Како што се претпоставуваше, Mercedes ќе ја заврши и 2016-та со рекордна продажба, но и со преземање на лидерството пред конкурентот од Минхен, за првпат по 2005-та година. Марката од Штутгарт прва ги објави продажбите, со 182.602 возила во ноември, односно 1,89 милион возила од почетокот на годината, додека ноемвриската продажба на BMW достигна 177.740 возила или вкупно 1,82 милион возила во периодот од јануари до ноември.
Mercedes напредува со несопирливо темпо, постигнувајќи пораст од 12 проценти на годишно ниво, односно 13 проценти во ноември. BMW во ноември продаде за 5,9 проценти повеќе возила отколку во истиот месец лани, односно за 5,6 проценти повеќе возила за единаесет месеци. Декемвриската продажба само ќе го потврди Mercedes како нов лидер во премиум сегментот.
Ноември му донесе на Audi продажба од 154.050 возила што претставува пораст од 4,3 проценти во споредба со истиот месец лани. Од почетокот на годината, од марката со четирите прстени се продадоа вкупно 1.713.900 возила (+4,3%).
Лани, BMW продаде вкупно 1,91 милион возила, повеќе од Mercedes на второто место со 1,87 милион возила и Audi на третото место, со 1,8 милион возила.
















