за

Франција против смогот со 10.000 евра субвенција за електромобили

Соочувајќи се со најопасниот зимски смог во последната деценија, Франција ги зголемува субвенциите при купување електрични автомобили. За секој дизел што ќе замине во отпад, државата плаќа по 10.000 евра за набавка на нов автомобил со погон на струја. Отсега и замената на бензинците со поеколошки автомобили ќе се поттикнува од државната каса.

Француската влада пристапува со крајна загриженост во надминувањето на проблемот со загаденоста на воздухот. Министерката за животна средина Сеголен Ројал го изјави тоа на денешната седница на француската влада. Државната премија во висина до 10.000 евра во иднина ќе важи за сите лесни доставни возила, како и за возните паркови на такси-компаниите. Тоа значи дека сопствениците на овие возила ќе добијат по 10.000 евра од државата, за купувањето возило со електричен погон да им биде поевтино.

До 10.000 евра за електричен автомобил и 1.000 евра за скутер на струја

Широкоградата премија досега важеше само за возила со дизел мотор, кои заминуваат во отпад. Покрај тоа што вклучи дополнителни видови возила во државниот бонус, Франција воедно ја зголеми и висината на премијата. При купувањето електричен автомобил досега се добиваше премија во висина до 6.300 евра. Од први јануари, со 1.000 евра се субвенционира и купувањето на скутери со електричен погон.

Втор чекор во справувањето со аерозагаденоста е воведување еколошка вињета. Предвидени се повеќе категории на вињети, коишто се поделени според вредностите на штетните гасови. Оваа вињета ќе биде задолжителна во Париз од 16-ти јануари. Во случај на екстремна аерозагаденост, сообраќајот ќе може да се ограничува и според вињетата, односно ќе им се забранува пристап на возилата со лош квалитет на издувните гасови.

Изминативе денови, во Париз и во уште неколку француски градови, поради долготрајниот зимски смог се применуваше систем на возење пар-непар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

РСБСП: Навики што возачите треба да ги избегнуваат зиме

mercedes

Mercedes годинава ќе го врати лидерството пред BMW