за

Знаменосецот Lexus LS го презема динамичниот изглед од концептот LF-FC

По десет години во производство, Lexus ќе ја замени актуелната генерација на знаменосецот LS во почетокот на следната година. Новата генерација ќе пристигне со изобилство од иновативна технологија, но и со многу подинамичен дизајн. Конкуренцијата притиска силно, меѓу другото и Tesla Model S.

Луксузната марка на Toyota ќе одржи премиера на петтата генерација на лимузината од високата класа LS во јануари, на салонот во Детроит. Неколку месеци подоцна, знаменосецот на Lexus ќе пристигне и на европскиот пазар. Првата фабричка фотографија открива необично динамичен дизајн на предниот дел на возилото, а Lexus најавува и дека покривот ќе формира силуета како на купе. Новата генерација на луксузниот крстосувач ќе го следи стилот на студијата LF-FC од ланскиот салон во Токио.

Lexus LF-FC Concept

Техничката платформа за петметарската лимузина ќе ја позајми штотуку претставеното луксузно купе LC, вклучувајќи ги и моторите: Петлитарски V8 со моќност од 477 КС и хибриден погон со системски 359 КС. Тоа се потврдува и на фотографијата, кадешто јасно се гледа сложената мултилинк-конструција на водењето на тркалата на предната и на задната, како и масивната помошна рамка напред.

LS со водороден погон може да пристигне за Олимпијадата во Токио во 2020

Пневматската амортизација се подразбира, исто како и торсен-диференцијалот назал.Дали во новиот LS ќе проработи и водороден погон, како во студијата LF-LC, тоа ќе се дознае непосредно пред Олимпијадата во Токио во 2020 година, којашто Toyota сака да ја искористи како трибина за претставување на спектакуларните иновации што се крчкале во Тојота Сити.

Lexus LC 500

На европскиот пазар, Lexus LS во последниве години тешко се носи со аждерите во луксузниот сегмент и негови природни конкуренти, како Mercedes S-Class, серијата 7 на BMW или Audi A8. На нивната домашна територија, за цела година се продадени само 15 примероци од Lexus LS, додека од Mercedes S-Class се продале 6.355 примероци. Дури и најмалку продаваниот модел на Rolls-Royce, хиперексклузивниот Ghost, има 30 примероци на германскиот пазар годинава.

Електричниот погон на Tesla против хибридниот погон на Lexus

Ситуацијата на пазарите во САД и Јапонија е драстично поинаква и Lexus LS редовно е на врвот според продажбата во престижниот сегмент, иако и таму е често на удар од новите имиња во браншата, вклучувајќи ја особено електричната лимузина Tesla Model S.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes

Mercedes годинава ќе го врати лидерството пред BMW

Новото шоу на Кларксон, Хамонд и Меј со рекорд во нелегални преземања