за

Maserati со конкурент за серијата 5 на BMW

Новиот Ghibli бележи пресвртница во историјата на марката од Модена. За прв пат во историјата, Maserati има две лимузини во понудата – и за прв пат вози со дизелски мотор.

Maserati планира до 2015 година да ја зголеми продажбата на 50.000 возила годишно. Новиот Ghibli е вистинскиот автомобил за постигнувањето на целта. „Тој е помал, полесен, подинамичен, поевтин и поштедлив од знаменосецот на марката, Quattroporte“, убедуваат од фирмата сестра на Ferrari.

Во Ghibli ќе работат два бензински мотори со иста основа, односно зафатнина од три литри и шест цилиндри во V. Во посилната изведба Ghibli S, конкурентот на серијата 5 на BMW ќе има 410 КС и ќе постигнува темпо 100 за пет секунди, односно крајна брзина од 285 километри на час. Воедно, Ghibli е првиот автомобил во историјата на Maserati што ќе има и дизелски модел во понудата. За дизелскиот шестцилиндарец, Maserati ја истакнува само потрошувачката: Помалку од шест литри. За штедење, дизелот ќе поседува дополнително и систем старт-стоп, исто така за прв пат во марката.

Техничката платформа во голем дел доаѓа од Quattroporte, односно подвозјето, безбедносната структура на каросеријата, моторите и предните светла со светлечки диоди се во основата исти како кај знаменосецот, при што Ghibli дополнително е 50 килограми полесен, 17 сантиметри покус во меѓусокиното растојание и 29 сантиметри покус меѓу браниците.

Дизајнерите на Ghibli го прифатија предизвикот да создадат форма што ќе оддава поголема динамика и агресивност, но во исто време ќе го задржи визуелниот идентитет со големиот Quattroporte. Лимузинската каросерија потсеќа на купе, а највпечатлив детал во појавата е предната маска во стил на моделот A6 CGS од 1950-те години. Внатрешноста оддава повеќе младешки стил од Quattroporte, но ја задржува луксузната нота на марката.

Сите три моделски изведби, Ghibli, Ghibli S и Ghibli Diesel користат осумстепен автоматски менувач, со меко префрлување на степените, но и со агресивно извлекување на потенцијалот на моторот, кога возачот ќе го побара тоа. Во таа насока работи и подвозјето, со две триаголни водилки за предните тркала и задна оска со пет водилки – плус, погон на сите тркала.

Ghibli ќе им нуди на своите сопственици врвна опрема, почнувајќи од иновативен дисплеј на допир за контрола на основните функции на возилото, камера за рикверц, кожа од Poltrona Frau, озвучување од Bowers & Wilkins со 15 звучници, како и безжично поврзување во мрежа во кабината.

Најевтиниот модел, сосема очекувано Ghibli Diesel, ќе чини 65.000 евра, а за врвниот модел Ghibli S, дополнително со погон на сите тркала и со соодветна ознака Q4, ќе треба да се издвојат нешто повеќе од 80.000 евра.

[nggallery id=79]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dacia е хит на островот: Британците си ги ценат парите

Естонија е Елдорадо на електричните автомобили