Нашиот омилен модел на Lexus, по есенската репортажа низ некои од најубавите краишта низ Македонија, не престанува да привлекува внимание. Кросоверот UX, наскоро ќе стартува со продажба на најголемите пазари за електрични автомобили во Европа. Точно така, повеќе не станува збор „само“ за хибриден погон, туку Lexus од овој модел почнува да вози и само на струја.
Историскиот момент за Lexus (и за Toyota, секако) се случува по 15 години од првиот модел со хибриден погон и по повеќе од 1,7 милион произведени автомобили со „две срца“ од луксузната јапонска марка. Изведбата на струја се води како UX 300e – наспроти хибридниот UX 250h и бензинскиот UX 200.
Батеријата во електричниот UX располага со капацитет од 54,3 kWh и во реалниот циклус WLTP овозможува досег до 300 километри. Батеријата со 288 ќелии е вградена во подот и под задната клупа, кадешто со својата тежина и ниска поставеност обезбедува ниско тежиште и динамични возни својства.
Техничарите на Lexus повторно изведоа инженерска мајсторија и место класичното водено ладење на батеријата, развија ефикасен систем за воздушно ладење. Тие велат дека ова решение е побезбедно и секако е полесно. Воздухот циркулира низ самата батерија и со тоа се овозможува стабилен напон и при брзо возење. Системот е поврзан со климатизацијата на кабината и придонесува за перформансите, долготрајноста на батеријата, како и за самата постапка на полнење.
Десетгодишната гаранција е резултат од искуството на Toyota и Lexus во хибридниот погон; Ова е далеку од нов терен за нив
Најважното што Lexus има да го соопшти во оваа фаза од подготовката на пазарот за стартот на продажбата на UX 300e, тоа е гаранцијата. За батеријата се гарантира дека во период до 10 години и до 1.000.000 километри, нејзиниот капацитет нема да се намали под 70 проценти. Тоа е добро „убедување“ за клиентите што досега возеа хибриден Lexus, за натаму да преминат на електричен Lexus. Остануваат тригодишната гаранција за возилото и 5-годишната гаранција (или 100.000 km) за погонската спрега.
Погонскиот електромотор со моќност од 150 киловати (204 КС) ги движи предните тркала, овозможувајќи спринт до темпо сто за 7,5 секунди и крајна брзина ограничена на 160 киломери на час.
Електричниот Lexus се произведува во истата фабрика со хибридните модели, во Кјушу, прочуена по такуми-мајсторите.
Продажбата ќе стартува кон крајот на годината, само на најголемите пазари за електричниот погон во Европа.
https://www.instagram.com/p/CABgrFRpEge/

















