за

Lamborghini повторно со теренец по 25 години

Италијанската спортска марка се враќа со теренско возило по четвртина век од егзотичниот LM002. Продажбата на Lamborghini Urus ќе започне во 2018 година, моторите ќе имаат до 600 КС.

Шефовите на концернот Volkswagen дадоа зелено светло за почеток на производство на луксузниот теренец на Lamborghini. Новиот модел ќе се ориентира според студијата Urus којашто беше претставена пред три години и ќе биде трета моделска серија на марката од Сант Агата Болоњезе, покрај Aventador и Huracan.

Со намалена тежина и мотори со моќност до 600 КС, теренецот на Lamborghini ќе постави нови стандарди за динамиката во сегментот
Со намалена тежина и мотори со моќност до 600 КС, теренецот на Lamborghini ќе постави нови стандарди за динамиката во сегментот

Теренецот на италијанската спортска марка ќе го прошири кругот на купувачи, исто како сестринскиот модел Bentley Bentayga и ќе стартува со продажба во 2018 година. Со тоа Lamborghini повторно ќе има модел со повеќе од две седишта, по Lamborghini LM002 којшто се произведуваше до 1993 година во серија од само 301 примерок. Марката очекува годишна продажба на 3.000 примероци од спортскиот теренец, што ќе претставува двојно зголемување на продажбата на Lamborghini. Лани таа достигна 2.530 возила. Цената на моделот за когошто уште не е потврдено дали ќе го носи името Urus од студијата од 2012 година, ќе изнесува 180.000 евра.

Матичната фабрика во Сант Агата Болоњезе ќе се прошири речиси двојно за производството на новиот спортски теренец, од сегашните 80.000 метри квадратни. Покрај поставување нова монтажна линија и изградба на магацини, ќе следува и зголемување на капацитетите во истражување и развој. Новата моделска серија ќе донесе 500 нови вработувања во фабриката. Пред извесен период се претпоставуваше дека производството на идниот спортски теренец ќе се одвива во фабриката на Volkswagen во Словачка, но на крајот се одлучи за матичната фабрика во покраината Емилија Ромања, за што секако придонесоа и ветените олеснувања од италијанската влада во висина од стотина милиони евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Daimler ќе произведува акумулатори за домашна употреба

Apple ги потврди плановите за влез во автомобилскиот бизнис