за

Apple ги потврди плановите за влез во автомобилскиот бизнис

Џеф Вилијамс на конференцијата на Recode укажа на идниот автомобил од Apple: „Автомобилот е ултимативниот мобилен уред.“ Фото: Recode.net

Светот го чека одговорот дали Apple работи на автомобил. Менаџер од концернот јавно и недвосмислено потврди дека производителот на iPhone има планови за автомобилската бранша.

По зачестените медиумски објави дека концернот на iPhone работи на автомобил, за првпат пристигна и официјална потврда: „Автомобилот е ултимативниот мобилен уред, зарем не?“ Тоа го изјави менаџерот Џеф Вилијамс на прашањето околу идните производи од Apple. Менаџерот сепак не даде конкретни одговори и само најави дека „истражуваме најразлични пазари“.

Вилијамс е одговорен за дневните бизниси во Apple и говореше на конференција на блогот за технологија Recode. Шефот на концернот Тим Кук пред две години изјави дека уредите што се носат на рачниот зглоб се интересни за Apple, посочувајќи на можноста за појавување на штотуку претставениот компјутерски часовник. Оттука може да се очекува истото да се случи и со идните автомобили од концернот.

Изнајмениот црн ван како повод за шпекулациите

Во почетокот на годината почнаа шпекулациите дека Apple има ангажирано тим од 1.000 експерти, коишто работат на развојо на електричен автомобил. Како можен старт на продажбата се посочуваше 2020 година. Како што објави „Вол Стрит Журнал“, прво се работело на дизајнот на возилото, со каросерија на миниван. Шпекулациите почнаа откако на патиштата во Калифорнија беше забележан црн ван со поставени камери на него, за потоа да се открие дека ванот бил изнајмен за користење од Apple.

Од концернот тогаш изјавија дека автомобилскиот бизнис им е интересен само заради интегрирање на софтверската платформа CarPlay во возилата и за натамошно усовршување на истата. Apple обично е мистериозен кога станува збор за идните производи и изјавите од врвните менаџери секогаш се точно одмерени. Затоа е мала веројатноста дека изјавата на Вилијамс е непромислена провокација на шпекулациите.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lamborghini повторно со теренец по 25 години

Toyota вреди 28,9 милијарди американски долари