Паметните телефони се опасни зад воланот. Но, никој не се откажува од користење на iPhone или Samsung Galaxy. Решение нуди Apple. Неговиот CarPlay речиси прераснува во стандард во автомобилите.
Користењето на мобилните телефони во возење претставува огромен проблем во безбедноста. Поради тоа, производителите на автомобили смислуваат различни методи за користењето на телефоните да го направат побезбедно. Тоа го постигнуваат преку целосна интеграција во сопствениот мултимедиски систем во возилото или преку говорна команда. Дополнителен проблем претставува и тоа што секој производител има различен пристап. Тоа ќе се промени од корен.
Електронскиот гигант Apple ќе го интегрира неговиот софтвер во автомобилите. Апликацијата се нареува CarPlay и според Apple ќе им понуди на возачите интуитивен начин преку еден збор или еден допир да направат телефонски разговор, да ги користат картите, да слушаат музика или да ги преслушаат вестите. Со CarPlay ќе се ракува преку дисплејот во возилото или преку говорна команда. Siri – софтверот на телефонот ќе се активира преку копчето за говорна команда што се вградува во повеќето постоечки модели.
Целиот колач на автомобилскиот пазар ќе му припадне на Apple?
Со користењето на софтверот на Apple значително ќе се зголеми пазарната моќ на претпријатието. Речиси сите производители соработуваат. Во следната недела, со почетокот на салонот во Женева, CarPlay ќе доживее премиера во моделите на Ferrari, Mercedes-Benz и Volvo. Потоа следуваат уште бројни други марки: BMW Group, Ford, General Motors, Honda, Hyundai, Jaguar / Land Rover, Kia, Mitsubishi, Nissan, Peugeot, Citroen, Subaru, Suzuki и Toyota.
CarPlay е достапен како апдејт на iOS 7 и функционира со моделите на iPhone што се базираат на Lightning, вклучувајќи ги iPhone 5s, iPhone 5c и iPhone 5. Конкуренцијата не спие, особено Google, со кого што ќе се води битка за превласт во автомобилите. Nokia нуди слична софтверска платформа со интеграција на сопствените карти. Microsoft соработува со Ford во системот Sync и исто така поставува главно тежиште на говорните команди. Во срцето на повеќето мултимедиски системи се наоѓа оперативниот систем QNX кој му припаѓа на Blackberry. Со текот на времето, ова место може да го заземе Android.
CarPlay ќе овозможи и навигација
Најмногу треба да стравуваат производителите на навигациски системи, затоа што нивното присуство станува непотребно со новите техники на интеграција со автомобилите на Google и Apple. CarPlay ги подршува и музичките апликации од другите фирми, вклучувајќи го и Spotify.
Со револуцијата на Apple се зголемува и притисокот врз производителите на автомобили да ги поевтинат нивните скапи мултимедиски системи, кои можат да чинат и повеќе илјади евра кај премиум марките како Mercedes и BMW. За интеграција со CarPlay, неопходно е автомобилите да иамат само дисплеј и поддршка на говорна команда, а остатокот ќе биде работа на паметниот телефон. Од друга страна, помалите производители ќе заштедат на развој на комплексни системи за навигација, со тоа што сега им се овозможува користење на постоечката технологија од Apple.
















