за

Кина масовно извезува електрични автомобили

Извозот на автомобили од Кина забележа голем скок годинава, откако домашните производители почнаа да бараат нови пазари за своите автомобили.

Во првите три квартали од 2022 година, од Кина се извезени 2,2 милиони патнички автомобили, камиони, автобуси и други возила. Тоа е за 54 проценти повеќе во споредба со лани и двојно е повеќе во споредба со годишниот просек во периодот меѓу 2012 и 2020 година.

Електричните автомобили имаат најголем придонес за зголемувањето на извозот. Во првите три квартали годинава, од јануари до септември, од Кина се извезени 342.000 патнички автомобили со електричен погон. Тоа значи дека 29% од вкупниот извоз на патнички автомобили од Кина, отпаѓа на возила што користат само електричен погон. Во 2019 година, уделот на електричните автомобили што се извезуваа од земјата изнесуваше само 2 проценти.

Постојат неколку чинители што придонесуваат за растот на извозот од Кина. Доминацијата на земјата во снабдувањето на светскиот пазар со батерии за електрични возила и материјали, им овозможи на домашните производители на автомобили да ја зголемат продукцијата.

Западните производители на автомобили ги користат споредбено пониските трошоци за производство и воспоставениот синџир на добавувачи во Кина, за да привлечат нов круг купувачи за електричните возила на светскиот пазар, додека расте заинтересираноста за новиот погон.

Tesla од минатата година е најголем извозник на електрични автомобили од Кина, од својата фабрика во Шангај. Во првите девет месеци од 2022 година, американската компанија извезе на светскиот пазар 165.000 возила од фабриката во Кина.

Меѓу останатите светски производители на автмобили што извезуваат електрични автомобили коишто се произведени во Кина спаѓаат Renault и BMW. Од следната година, Volkswagen Group исто така ќе извезува од своите фабрики во земјата.

Домашните кинески марки не заостануваат многу. SAIC до септември има извезено 78.000 електрични возила, главно од марката MG што ја купи во 2007 година.

Ривалот BYD извезе 22.000 возила и планира во 2023 година значително да го зголеми извозот, додека продолжува да освојува нови пазари. Други компании, меѓу кои Xpeng, Nio и Great Wal, исто така најавија големи планови за проширување на своите пазари ширум светот.

Овие движења почнуваат да се огледуваат во бројот на продадени електрични возила во останатите земји. Во Европа во првите девет месеци се продадени 1,8 милион електрични возила. Од кинеските производители потекнуваат 11 проценти од вкупниот број возила, во споредба со 2 проценти во 2020 година.

Брзо се сменија нештата. Пред помалку од една деценија, уште постоеја сомнежи дека кинеските производители на автомобили ќе успеат да се докажат на светскиот пазар. Тогаш беа мали изгледите, имајќи предвид дека кинеските производители не го владееја ниту домашниот автомобилски пазар.

Во 2015 година, точно две третини од сите продадени возила во Кина потекнуваа од заеднички компании меѓу странските и домашните производители. Така налагаа и законите, за странска компанија да произведува во Кина, услов беше да ангажира домашен производител на возила. Извозот на тие автомобили во Германија или САД беше музика од иднината.

Многу нешта се сменија со електричните автомобили. Додека бројни западни марки правеа само мали чекори во менувањето на погонската технологија и со години се противеа на водедувањето на построги барања за ограничување на потрошувачката на гориво, Кина ја градеше својата индустрија за електрични возила. Кина постави услови за државните возни паркови да се обновуваат само со електрични возила, се даваа субвенции за купување возила, локални поддршки, како и масовно вложување во мрежата од полначи.

Околу 60 проценти од вкупната продажба на електрични возила во светот отпаѓа само на Кина. Уделот на земјата во синџирот за снабдување со батерии е уште поголем.

Во најголемиот дел од извозот на електрични возила од Кина досега се работи за скапи возила од премиум сегментот. Но, тоа ќе се смени. Докажаните производители на автомобили од Западот прават сé повеќе обиди да ја префрлат продажбата во повисоките ценовнуи сегменти. Некои од нив се откажуваат од помалку исплатливите сегменти, за повеќе да им се посветат на СУВ-моделите и пикапите што им носат поголема заработка.

Тоа насочување кон поскапите сегменти има смисла од гледиште на маржата, но од друга страна се отвора голема празнина во делот на поевтините автомобили. Тој дел, кинеските производители на електрични автомобили можат многу лесно да го освојат.

Разликата во цените е голема. Едно ценето истражување неодамна, покажа дека цените на батериите во Европа се повисоки за 33 проценти и во САД се повисоки за 24 проценти во споредба со Кина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by GWM ORA EUROPE (@gwm_ora_europe)

Просечната цена на електрично возило во Кина во 2021 година изнесувала 26.500 долари, што е помалку од две третини од просечната цена на електрично возило во Европа и помалку е од половина од просечната цена во САД.

Големите производители на автомобили цела деценија објаснуваа дека од моментот кога ќе се јави вистински голема побарувачка за електрични возила, тие ќе реагираат веднаш со зголемување на продукцијата и ќе го освојат пазарот.

Но, тоа не се случи на најголемиот пазар на автомобили во светот, во Кина. Возила со електричен и со приклучен хибриден погон во моментов учествуваат со близу 30 проценти во вкупната продажба на возила во земјата. Со исклучок на Tesla, светските производители на автомобили држат само мал дел од пазарот и постепено се истиснуваат од кинескиот пазар.

Водечките светски производители на автомобили се надеваат да станат број 2 во продажбата на електрични возила по Tesla, или да ја престигнат барем во текот на оваа деценија.

Домашниот BYD годинава ќе продаде близу 2 милиони електрични и приклучни хибридни возила годинава. За следната година се планираат три милиони. Тоа е далеку повеќе од бројот на возила со овој вид на погон што го постигнува водечкиот производител на автомобили во светот, концернот Volkswagen.

Пастот на кинеските марки кон светскиот пазар нема да им биде лесен. За стекнување доверба меѓу купувачите и градење имиџ на марка, како и за зголемување на пазарниот удел, потребно е време. Секако дека основниот услов е автомобилите да се произведуваат со врвен квалитет.

Секоја нова студија што се објавува, главно доаѓа до заклучокот дека на купувачите навистина им се допаѓа да возат електрични автомобили. Каде што има побарувачка, има и понуда.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-EQ започна со продажба на електричниот пандан на GLE

Вработените во Volkswagen со одлични оцени за работодавецот