Додека Европа се двоуми како да се продолжи понатаму во насока на електромобилноста, во Кина владее сосем друга слика. Најголемиот автомобилски пазар во светот во минатиот месец беше и најнапреден пазар, затоа што првпат се продадоа повеќе електрични, отколку обични автомобили. Сето тоа оди во корист на домашните производители.
Според податоците од кинеското здружение на производители на патнички автомобили, во јули биле регистрирани 878.800 таканаречени новоенергетски возила по патиштата во Кина. Тоа ги опфаќа батериските електрични и приклучните хибридни автомобили.
Со тоа, уделот на електричните возила достигна 50,7 проценти од сите продадени возила во земјата. За 2025 година, државата има намера најмалку половината од продадените возила да бидат електрични. Пред неколку години, таа цел се поставуваше за 2035 година, но пазарот се развива многу побрзо од предвидувањата.
Целиот автомобилски пазар во Кина порасна за 3,1 проценти во споредба со јули лани. Гледано од почетокот на годината, пазарот во земјата сепак има значителен пад во споредба со првите седум месеци во 2023 година, главно поради тоа што земјата се соочува со конјунктурни потешкотии. Но, продажбата во меѓувреме почна повторно да расте од месец во месец. Тоа посебно важи за електричните автомобили. Домашните марки, како БИД или Ли Ауто, во јули забележаа месечни рекорди.
Кинескиот автомобилски пазар напредува во електромобилноста значително побрзо отколку западот. За споредба, уделот на електричните и приклучни хибридни автомобили во јули во Германија изнесуваше само 19 проценти. Тоа е послабо во споредба со истиот месец лани, кога 20 проценти од новорегистрираните возила биле електрични. Оттогаш и владата на Шолц го укина субвенциите.
Електричните автомобили се ослободени од ДДВ
Централните власти во Кина ги укинаа субвенциите уште во завршетокот на 2022 година, меѓутоа појавувањето на нови и подостапни модели повторно ја задвижи продажбата на електрични автомобили. Постојат и други олеснувања за купувачите. Повеќето електрични автомобили се ослободени од ДДВ. Големите градови дополнително ги поттикнуваат граѓаните да се решаваат за електрични автомобили, затоа што издаваат само ограничен број регистрации за нови возила со обичен погон, со цел да се подобри квалитетот на воздухот. Од април годинава повторно се воведоа државните субвенции, во висина од 20.000 јуани, односно околу 2.550 евра.
Пред три години со електричен Серес 3 беше извозен патот од изворот на Треска во кичевско, до Скопје
Кина е шампион во електромобилноста и во поглед на вкупниот број на регистрирани возила. На завршетокот на минатата година, во Кина биле регистрирани 23 милиони електрични автомобили, што е повеќе од половината од вкупниот број електрични возила во светот.
Електричните автомобили имаат постигнато поголем удел во продажбата само во некои нордиски земји. Тоа важи посебно за Норвешка, каде што уделот на електричните автомобили во продажбата изнесува 96 проценти. Меѓутоа, вкупниот број на регистрирани ЕВ е далеку помал во споредба со Кина.
















