Мала фирма во Чешка ѝ помага на Европа да се заштити од идна чип криза

Чешкото гратче Рознов под Радхоштем беше познато главно по своите слатки пити потопени во рум и по музејот за дрвени куќи. Потоа дојде веста што го разбуди местото со петнаесетина илјади жители.

Онсеми, производител од САД, во јуни соопшти дека избрал во Рознов да отвори производствен погон што ќе биде вреден 2 милијарди долари.

Во изминатите седмици имаше врвулица од посети на градежни изведувачи, се јави и првиот човек на локалниот универзитет, а дојдоа и владини претставници заедно со телевизиските екипи.

Големиот интерес не зачудува ако се има предвид дека тоа е најголема инвестиција во Чешка од странска компанија во изминатите три децении.

Јасно е дека постои некоја дополнителна причина за тоа што овој проект привлекува толку внимание и дека не станува само збор само за производство на нова генерација микрочипови, што ќе го заживее гратчето во централна Европа.

Онсеми ќе ја прошири постоечката фабрика за да произведува чипови за електрични возила и за индустријата на обновлива енергија. Веќе е потпишан договор со групацијата Фолксваген.

Проектот е важен поради тоа што на Европската Унија ѝ го осигурува снабдувањето со микрочипови, среде глобалната битка за клучни компоненти.

„Полупроводниците станаа столб на современата економија,“ изјави министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела. „Колку повеќе ги произведуваме овие нови технологии локално, толку е поголема нашата економска сиогурност.“

Инвестицијата на Онсеми е скромна во споредба со други проекти од областа на технологијата ширум Европа.

Постоечката фабрика во Рознов веќе игра важна улога во компанијата, затоа што развива и произведува чипови.

Тоа е клучно за чешката економија да може да премине на поисплатлива индустрија што не бара толку голема работна сила, како што тоа е случај со традиционалното производство на автомобили и делови за нив.

Околу 2.200 вработени во Онсеми во земјата секој ден произведуваат по повеќе од 10 милиони чипови за автомобили и за телекомунацијата, за клиенти од рангот на Мерцедес-Бенц, БМВ, Сименс, Епл и Самсунг.

Со планираната инвестиција во следните седум години ќе се обезбедат 800 нови работни места. Онсеми очекува дека годишниот промет во Рознов со текот на времето ќе се зголеми четирипати и ќе достигне најмалку 1,2 милијарда долари. Проширувањето на погоните ќе биде наменето за силикон-карбидни полупроводници со повисок капацитет, коишто носат повисока заработка.

Првиот предизвик е да се осигури дека градот со 16.000 жители ќе може да го издржи проширувањето. Градоначалникот Јан Кучера најави дека ќе се изградат 300 до 400 нови станови и дека градот ќе потроши 85 милиони долари за да ги подобри патиштата, да ги прошири паркиралиштата и останатата инфраструктура. Жителите бараат и нови училишта, детски градинки, болници.

„Сонот на секој градоначалник е браунфилд инвестиција во висока технологија, од компанија за којашто однапред знаете дека ќе привлече едуцирани луѓе,“ изјави Кучера во обновената библиотека во Рознов. „Точно тоа го добиваме.“

Додека Рознов се движи кон следната индустриска ера, на само еден час пат со автомобил се наоѓа градот Острава, каде што се владее сосем различна слика.

Откако во 1989 година заврши ерата на комунизмот, крајниот исток на Република Чешка се соочува со нагло пропаѓање на традиционалната рударска и металуршка индустрија, и со висока стапка на невработеност што произлегува од тоа.

Железарницата во Острава токму летово објави стечај, откако не успеа да ги покрие трошоците за енергија и платите за близу 5.000 вработени.

Производсвото на полупроводници во Рознов влече корени од раните денови на студената војна, кога тогашната комунистичка Чехословачка пресели таму дел од својата електронска индустрија што претходно беше лоцирана близу границата со Германија.

По уривањето на Берлинскиот Ѕид, конгломератот што тогаш се водеше како Тесла Рознов, беше растурен и неговиот огранок за чипови беше продаден на Моторола, пионер на мобилната телефонија. Со текот на годините, тој огранок стана дел од Онсеми од Аризона, што самиот се издвои од Моторола.

Новата фабрика ќе го покрива целиот производствен процес, почнувајќи од изработка на кристали од силиконски карбид до конечен производ, место процесите да се делат на трите континенти на коишто Онсеми има фабрики.

Тоа значи дека чиповите ќе се произведуваат поблиску до клиентите од автомобилската индустрија, којашто има долга традиција на главен двигател на чешката економија и во моментов се бори со нагло зголемување на платите, нередовно снабдување во глобални рамки и со конкуренција од кинеските електрични автомобили.

По еден месец од проширувањето на фабриката во Рознов, Онсеми потпиша договор со Фолксваген Групација, каде што припаѓа Шкода, најголемиот производител на автомобили во Чешка, за повеќегодишно снабдување со силикон-карбидни производи.

Шкода и целиот концерн Фолскваген во последните три години мораа повеќепати да го запираат производството, поради прекините во снабдувањето со микрочипови, што главно се произведуваат во Азија.

Фабриката во Рознов е „важен чекор во насока на напорите да се смали зависноста на ЕУ од увозот на стратешки суровини и компоненти,“ кажува Хелена Хорска, директорка за економија во чешкиот огранок на Рафајзен Банк Интернационал, и воедно советничка на премиерот Петр Фиала.

Имајќи предвид дека чиповите на Онсеми се користат и во соларни панели, оваа инвестиција може да даде голем придонес за економијата во земјата повеќе да не зависи толку силно од автомобилската индустрија, заклучува Хорска.

Онсеми ги продолжува преговорите со чешката влада и со ЕУ, за финансиската помош со којашто би се покрила една четвртина од инвестицијата.

Доколку сé оди според плановите, компанијата во следната година ќе започне со изградба на нова фабрика од спротивната страна на улицата на којашто се наоѓа постоечката фабрика во Рознов.

Република Чешка почна да заостанува зад помалку развиените конкуренти од регионот, кога станува збор за странските инвестиции, посебно во новите технологии.

Пред една година, Интел избра да вложи 4,6 милијарди евра во соседна Полска, во фабрика за производство и тестирање чипови. Унгарија исто така прераснува во европски центар за производство на батерии за електрични автомобили.

Претходна објаваСестринска марка на Волво полни батерија за 10 минути, на полнач од 800 киловати
Следна објаваВо Кина се продаваат повеќе електрични отколку обични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here