Натпреварот да се победи стравот околу досегот на електричните автомобили е кусо пред завршницата, откако кинескиот производител Зикр претстави батерија што може да се наполни за нешто повеќе од 10 минути.
Унапредената батерија со литиум-железо-фосфат хемија ќе се наполни од 10 до 80 проценти за само 10 и пол минути, објави компанијата во соопштение за јавноста. За рекордно брзото полнење да успее, потребно е да се користи ултра-брз полнач Зикр В3, што патем постигнува моќност до 800 киловати. За споредба, повеќето станици за полнење во Македонија работат со моќност од 22 киловати.
Стравот од досегот мачи многумина и ги спречува да се решат да возат на струја. Без стекнато искуство со електричните автомобили, возачите стравуваат дека батеријата на електричниот автомобил ќе се потроши пред да се дојде на одредиштето. Истото важи и за неизвесноста дали станицата за полнење по пат ќе биде слободна или ќе треба да се чека ред, да наполнат возилата што веќе чекаат.
Од тие причини, купувачите во последно време почнаа повеќе да ги бараат возилата со приклучен хибриден погон. Првичниот бран купувачи на електрични автомобили што секогаш мора да се први со трендовите полека попушта и сега останува големиот круг купувачи, што бараат ЕВ да имаат иста функционалност и ист досег како возило со обичен погон. Одреден дел од тие купувачи гледаат предимство во приклучниот хибриден погон.
Токму тоа забавување во продажбата на електрични автомобили даде нов поттик за производителите на батерии да почнат со развој на посилни батерии што се полнат побрзо.
Новата батерија се вградува во лимузината Зикр 007, чијашто испорака почнува во следната седмица.
Зикр наведува дека батеријата ќе се полни исклучително брзо и во услови на голем студ, на температура од 10 степени под нулата. Во тој случај, полнењето ќе трае 30 минути.
Зикр е исклучиво електро марка и дел е од концернот Џили, каде што веќе одамна спаѓаат Волво, Полстар, Линк и Ко, Лотус и Лондон ЕВ Компани.
Кинескиот производител соопшти и дека од октомври 2021 година има испорачано преку 300.000 возила. Намерата е возилата во иднина да се продаваат и во Европа, Латинска Америка и на останатите пазари во Азија.
















