Целата замисла со роботските автомобили е нивната беспрекорна техника да не ги прави грешките што може да ги направи човекот – плус, роботите не се уморуваат. Но, техниката некогаш може да се збуни. Станарите околу едно такси стојалиште во Сан Француско имаат напроспиени ноќи поради тоа.
Многумина гледаат со недоверба во автономните возила. Постојат бројни примери што укажуваат дека техниката е далеку од совршена. Многу нешта се случуваат неочекувано. Кој би помислил дека овие автомобили што се движат без возач, одеднаш ќе почнат да си свират меѓусебно додека си бараат место на паркиралиште?
Софиа Танг, станарка што живее веднаш над собирно место за роботските такси возила на Вајмо, на својот профил на јутјуб објави токму таков пример. Роботските автомобили си свират еден на друг, додека бараат место да се паркираат. Тоа што не се гледа на видеото: Сето тоа се случува во четири часот ноќе.
Компанијата дури сега осозна дека свирењето на роботските автомобили може некому да пречи во градот со милиони чители. Познатиот Верџ доби одговор од претставници од компанијата: „Свесни сме дека нашите возила може кусо да свирнат, додека се движат на нашите паркиралишта“. Оттаму ветуваат дека проблемот ќе се реши.
Авторката на видеото, Танг, коментира за целото искуство. „Да бидам искрена, уживање е кога се гледа како автомобилите доаѓаат и заминуваат. Единствено свирењето мора итно да запре.“ Такси возилата повеќе не си свират.
Компанијата Вајмо не опиша зошто автомобилите им свират. Но, очигледно станува збор за предупредување што е наменето за други возачи, што се приближуваат кон роботските такси возила на Вајмо.
Танг во меѓувреме постави и вебкамера што ја пренесува сликата од паркиралиштето, придружено со опуштачка музика.















