Киа е во елемент, од една страна е често во кадрите на најгледаната сцена во светот во моментов, како автомобилски партнер на ФИФА, но секако не ја пропушта љубопитноста на луѓето, кога постојано ги гледаат рекламите на Киа на светското првенство во фудбал и ќе се упатат во салон да погледнат што нуди ново оваа марка. Новините се две, фејслифт на Киа Ексид и најдостапниот електричен модел ЕВ2.
Нема случајност во тоа што Киа додава два нови модели во салон, точно во време кога марката е во центарот на вниманието на цел свет, како автомобилски спонзор и на светското првенство во фудбал во 2026 година.
Едниот новитет е фејслифт на кросоверот Ексид, којшто во новата улога го презема местото што претходно му припаѓаше на класичниот и добар Сид, денес наследен од К4.
Промените во изгледот се во стилот што ја зафати целата марка, со т.н. ѕвездена мапа, како форма што ја следат предните и задните светла. Тоа почна со ЕВ 9, електричниот знаменосец, понатаму се пренесе и до самиот бестселер Спортаж, и до основниот модел во понудата на Киа, Стоник.
Главното е сепак во цената, Ексид сега чини 23.950 евра во основната изведба. Со фејслифтот, доаѓа и „условно“ нов мотор, односно 1,0-литарски Т-ГДИ, со истите технологии што ги поседуваат останатите Т-ГДи мотори на Киа, единствено што зафатнината му се сведува на еден литар и работи со три цилиндри.
Моторот 1,0 Т-ГДи што е темел за сензационалната цена на Киа Ексид досега не се нудеше во Македонија, но сцената е сменета во меѓувреме
Европската сцена одамна научи дека трите цилиндри не се измама или штедење на производителите, туку се мерка за смалување на потрошувачката на гориво, а со тоа и на емисијата на штетни материи, што секако е клучно во средините што се освестени околу поврзаноста на автомобилите со висока емисија на штетни материи и загаденоста на воздухот во градовите.
Трите цилиндри денес е полесно да се „проголтаат“ откако и на македонските патишта профункционираа камери што се грижат за брзината. Затоа, сосем се вредни податоците за моќноста од 115 КС и вртежниот момент од 200 њутнметри, што е на рамниште на 1,8-литарски атмосферски бензинец од пред 20 години – освен со потрошувачката.
Крајната брзина на Ексид 1.0 Т-ГДи е 182 километри на час, забрзувањето до темпо сто трае 11,7 секунди. Според фабрика, просечната потрошувачка се движи во распон меѓу 6,0 и 6,4 литри, зависно од опремата, тркалата и други фактори.
Во времето на класичната комбилимузина Сид, кросоверот Ексид уживаше углед на премиум изведба. Како еден од тогаш ретките кросовери во сегментот, Ексид се издвојуваше со опременоста и со темелната изработка, со многу зафати во подрачја што обично остануваат нечепнати во овој ценовен сегмент.
View this post on Instagram
Високите стандарди за опременост и изработка, а тоа главно се однесува на материјалите и на деталите, како тенки хромирани лајсни во потпирачите за лакт во вратите, важат и за новиот Ексид.
Во изведбата што се води како Лајт, прво од трите понудени нивоа, со цена од 23.950 евра со мотор 1.0 Т-ГДи и мануелен менувач, Киа Ексид доаѓа со мошне уверлив пакет од системи за асистенција – систем за следење лента, автоматско долго светло, класичен темпомат – со функционална опрема, каде што спаѓаат задна камера и сензори напред и назад, автоматски двозонски клима уред, пристап и старт без клуч, сензор за дожд, па и елеткромотор за вратата на багажникот.
Со оваа противвредност, Киа Ексид 1.0 Т-ГДи Лајт за 23.950 евра е своевидна сензација. За таа вредност, во времето пред Сид да биде наследен од К4, се добиваше малку посилен мотор од основниот и малку повисоко ниво на опременост. Тука се нуди пристоен мотор, но затоа луксузна опременост.
Просторноста и функционалноста отсекогаш се одлика на кросоверот на Киа. Тоа значи простор и на задна клупа, уште поважно покрај фактот што назад се седи правилно, а значи и простор во багажникот, каде што пречекува зафатнина од 426 литри.
Мануелниот менувач ќе израдува многумина што сакаат да „ловат“ вакви понуди, посебно покрај тоа што ја спушта цената за 3.000 евра, во споредба со моделот со 7-степен менувач со двојна спојка.
Моторот 1.6 Т-ГДи од Спортаж важи и натаму, но во тој случај треба да се смета на цена од 28.950 евра, и уште побогато ниво на опременост. Експериенс донесува уште безжичен полнач, големи дигитални инструменти под заеднички панел со средишниот екран од 12,3 инчи, радарски темпомат, седишта во комбинација кожа-платно, грејачи во волан, во предни и задни седишта, самостојно отворање на багажник.
Врвното ниво е Референс, со цена од 30.950 евра, каде што луксузирањето досега до стаклен покрив, аудио систем, вентилација на предни седишта или тркала од 18 инчи.
Вториот важен новитет и за Киа и за целата домашна автомобилска сцена, е електричниот ЕВ2, којшто го најавивме претходно и за него ќе следи посебен осврт.
















