Киа Ексид го заокружи обновувањето на моделската гама

Од Пиканто до Соренто, сите модели на Киа го прифатија изгледот што го воведоа електричните модели на марката, по ЕВ9 и ЕВ3. Сега доаѓа и освежена моделска година на кросоверот Ексид.

Киа Ексид го презеде стилот што го започна знаменосецот ЕВ9 и последно ги зафати Спортаж и Стоник. Сега заокружува Ексид

Кросоверот Ексид е единствениот модел од семејството Сид што остана во производство во фабриката во Словачка, откако Киа ги замени останатите каросериски изведби на компактот со електричните ЕВ4 и ЕВ2. Тој беше воедно и единствен модел со претходниот стил на марката.

Откако електричниот знаменосец ЕВ9 го воведе новиот изглед на Киа, целата постоечка понуда од модели на корејскиот производител се префрли на стилот што е препознатлив по светлата во вид на „ѕвездена мапа“. Меѓу последните модели што го презедоа новиот изглед на светлата се самиот бестселер Спортаж и популарниот Стоник. Сега се заокружува освежувањето со кросоверот Ексид.

Класичната комбилимузинска изведба на Киа Сид е заменета со нова генерација на К4, којашто освен целосна промена во изгледот и во пропорциите, воведе клучна разлика со тоа што се произведува исклучиво во Мексико, и оттаму се испорачува на светските пазари, вклучувајќи ја Европа. Засега нема планови дека К4 ќе стартува со продажба на македонскиот пазар во видно време, така што неговото место го пополнува Ексид.

Во новиот манир на Киа, промените не се сведуваат на светла и браници, туку зафаќаат и длабоко во внатрешноста. Ламарината останува непроменета, секако покрај новата форма на предните и задните светла и соодветно сменетиот дизајн на браниците. Изгледот на кросоверот доби на моќност и на ширина.

Хаубата и браникот ги дели тенка лента со проширувања во стилот на „тигровскиот нос“, што остана како обележје на изгледот на Киа уште од времето на Петер Шрејер. Сосем нова појава дава отворот за воздух, што продолжува ниско надолу и завршува со заштитна плоча во боја на алуминиум.

Изгледот на опашот е сменет по истиот терк како кај Стоник и ЕВ2. Сите форми се втопуваат и создаваат речиси мазна и заоблена површина. Задните светла во форма на молња ги спојува светлечка лента по целата ширина. Долу е нагласен стилскиот елемент со изглед како кај теренски автомобил.

Како кросовер, Ексид додава повеќе отменост во внатрешноста, со нови материјали, богата опременост и завршна изработка

Во внатрешноста се преземени драстични зафати. Воланот со два краци е зарамнет горе и долу, со широко подрачје на коешто се распоредени бројни команди.

Киа Ексид доби и заоблен двоен дисплеј што продолжува по средишната конзола, како кај Спортаж. Под заедничкото стакло на двојниот дисплеј, во средишната конзола се забележуваат широки отвори за воздух, а под нив вообичаениот контролен панел со сензорски полиња, со двојна поставеност – тие еднаш служат за инфо-забавата, еднаш за климатизацијата, заштедувајќи простор.

Во понудата од мотори не се најавуваат промени. Таа почнува од 1,0-литарски Т-ГДИ со 115 КС и мануелен менувач, што не се нуди на македонскиот пазар, по неа следат изведба со 48-волтен благ хибриден погон, и 1,6-литарец со 150 или 180 КС, секогаш во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка.

Досегашните тестови на Киа Ексид во Аутомедиа

Производството на новата моделска година на кросоверот, што првпат се појави во 2019 година и имаше фејслифт во 2022 година, стартува кон завршетокот на мај во фабриката на Киа во словачка Жилина. Таму се произведуваат електричните ЕВ2 и ЕВ4, како и Спортаж за европскиот пазар.

Претходна објаваФолксваген воведе строги правила за користењето службени возила
Следна објаваКолку време работиме за еден литар дизел?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here